Очигледно докажувањето на вистината за состојбите во Карате федерацијата на Македонија (КФМ) предводена од претседателот Драган Стојановски, од една страна, и трофјените клубови во државата и нивните први луѓе. Тие нудат аргументи и праќаат дописи, а претседателот е во „акција“ и оди од клуб до клуб и ги убедува дека работите не се такви како што се кажуваат и притоа дава разни ветувања.
Како реакција на оваа ад-хок „акција“ на Стојановски, кој инаку не се мрда од Скопје, пак се јави тренерот на КК Кеикс од Скопје, Елвир Куртановиќ.
„Во последниов временски период, како никогаш до сега, р разбранувана спортската јавност со бројни написи и јавни излагања на бројни македонски карате тренери за начинот на функционирање и работење на КФМ. Кулуминацијата се достигна кога се усвои „Правилникот за избор, финансирање и наградување на КФМ“, по што следеа серија на реакции од карате клубовите: Металург, Макпетрол и Кеикс. Притоа се укажа на многу пропусти кои беа дополнително вметнати во новиот Правилник, за кои тие сметаа дека директно ги засегаа интересите на натпреварувачите, тренерите и клубовите, а одредени негови делови се во спротивност со Законот за спорт на РМ“, истакнува Куртановиќ во својот допис до медиумите.
Правдата ќе се бара на повисоко ниво
„Веднаш потоа КФМ, експресно, преку ноќ ги смени „Одлуките“ за начинот на финансирање на европските и светските првенства и настапот на Премиер лигите. Прашање е зашто сега, после реакцијата на клубовите веднаш се промени делот за финансирање на репрезентацијата? Mеѓутоа, за укажувањата кои се однесуваа на другите делови не е одговорено, ниту забелешките се прифатени, со што стана јасно дека во заштита на правата на клубовите гарантирани со Законот за спорт, најверојатно докажувањето кој е во право ќе оди надвор од органите на КФМ, правдата ќе се бара на повисоко ниво.
Мисија кај оние што лајкуваат и шеруваат текстови
Наместо да се соочи со реалноста како прв човек на КФМ, г-ин Драган Стојановски во директни разговори со клубовите да изнајде решенија, тој од функција на претседател на КФМ, со познати применети методи и тактики, тргна во мисија низ Македонија. Направени се средби, со условно кажано помалите карате клубови, за кои тој до вчера не сакаше да чуе, ниту, пак, остваруваше некакви контакти или средби. Но, сега одеднаш тие клубови станаа многу важни за КФМ. Целта на посетите е јасна и прочитана. Секако дека секој клуб има свои права и обврски, за кои, пак, ќе повторам се уредени со Закон, па може да одлучуваат како што сакаат. Посетите се правени само за клубовите кои ги споделиле или напишале некој статус на социјалните мрежи за настанатите проблеми. Односно (потребен беше само лајк или шерување на објавените забелешки во Ипон.мк), единствениот портал за боречките спортови во Македонија. Затоа се наметнува прашањето: Зошто претседателот Драган Стојановски сега се сети на овие клубови кога не е време за изборно Собрание? Зошто тој не се соочи со аргументи кои беа приложени за укажаните забелешки на новиот Правилник за избор, финансирање и наградување? Многу шпекулации, невистини и заклучоци се теми на овие средби, како и ветувања за финансирање на талентирани деца – спортисти. Зошто тогаш ги исклучува веќе докажаните каратисти? Или, ќе ги финансира само оние тренери и каратисти кои се послушни и молчат пред лицето на правдата?“, посочува поранешниот европски шампион.
Како и зошто беше избракана Ивана Аврамова?
„Пример за тоа е Ивана Аврамова, која во одреден временски период беше вработено стручно лице во КФМ. Веднаш ќе кажам дека таа беше избркана од работното место во КФМ, лично од човекот кој сега оди да и ветува подобра иднина. Притоа, најверојатно, заборавил или пак повеќе овој човек и не памети на колку луѓе и нанел огромно зло, па неговите реакции и постапки одат во крајност на изместените критериуми кои завладеаја во КФМ.
Јас бев сведок на целиот процес кој беше инициран за нејзино отфрлање. Освен на средбите кои претседателот, како и вообичаено ги правеше надвор од очите на засегнатите, а станува збор за притисоците и дејствијата кои беа насочени спрема Ивана, со единствена цел таа самоволно да ја напушти работата како стручно лице во КФМ (работа за егзистенција на нејзината фамилија). Ивана која беше достапна 24 часа и за претседателот и за сите клубови кои имаа потреба од информации врзани со каратето, затоа што максимално совесно и одговорно се однесуваше кон работата, преку ноќ стана жртва. Без никакви причини беа измислени обвиненија. Стана неприфатлива за претседателот, беше обвинувана за се и сешто без конкретни аргументи. За кратко време, само за да ја принудат да го напушти работното место, Ивана Аврамова доби и нов договор за работа, чија содржина беше во спротивност со сите човекови и работнички права. Работата стигна толку далеку што таа беше принудена за својата одбрана да ангажира и адвокат. Се изготви одговор. Новиот договор, кој откако го видоа во КФМ, веднаш го повлекоа, бидејќи очигледно беа исплашени од последиците и скандалите со кои можеа да се соочат. Ивана, која е мајка на две деца и сопруга, беше ставена во една тешка состојба, обвинета за ништо и под притисок кој беше многу висок и неиздржлив, дека ќе ја изгуби работата. Така, на крајот реши да стави крај на оваа агонија со дававање на отказ. Обидот некој да ја одбрани Ивана, повикувајки се на свест и совест, како и на својата професионална и човечка одговорност, беше санкциониран, како пример за сите кои во иднина би се спротиставиле на желбите и намерите на претседателот. Пораката се испрати, секој што ќе размислува поинаку ќе биде исфрлан и отстранет од КФМ“, вели Куртановиќ.
Од што се исплаши Стојановски? Целосна контрола на канцеларијата на КФМ
Тој гласно прашува од што се исплашил претседателот. Дали Ивана премногу знае и затоа и е направена експресна посета? Ова, истакнува Куртановиќ, е многу чудно.
„Причината за сите овие дејствија кои беа насочени против Ивана, секако не беше незадоволството од извршувањето на работните задачи, туку главната цел, очигледно, беше да се воспостави целосна контрола на работата на канцеларијата на КФМ и контрола на информациите кои требаа и се привилегија ( но не и право ), само на тренери клубови и спортисти кои се блиски до претседателот на КФМ.
Во моментов КФМ има целосно контролиран и блокиран систем на информации, која, за жал, функционира како пракса воведена во безбедносните служби на државите, а не како во една спортска институција. Сега е јасно зашто е направена толкава непотребна хајка, на местото на Ивана донесен е човек кој е максимално под контрола на Драган Стојановски, и затоа информациите до клубовите се максимално филтрирани, цензурирани, нетранспарентни и доаѓаат со задоцнување. Информираноста за најважните интереси на клубовите се крие до последен момент. Навремено се информирани само потесниот клуб на тренери, спортисти и клубови, оние кои се под директно финансирање од страна на претседателот на КФМ. Тој е најодговорен за отвореното непријателство, спротиставеност, поделба и раскол во сопствената федерација“, укажува Куртановиќ.
Соочување пред ТВ екраните
Според него, решението на целата оваа состојба е во давањето на аргументирани одговори на забелешките кој биле добронамерни и искажани за добро на спортот. За жал, не е направена средба со клубовите кои се незадоволни и нема дијалог за деловите од правилниците кои ги засегаат клубовите. Понатаму вели дека останале да висат проблемите, нетранспарентноста и јавноста во работењето на КФМ, како и селективноста во спроведување на правилниците.
„Јас, Елвир Куртановиќ, секогаш сум достапен за секого, а најмногу за претседателот на КФМ. Достапен сум, ако треба и да се соочиме пред целата македонска јавност за настанатата состојба, која не е нова. И, заради која пред извесно време си дадов отказ, поради несогласување со одлуките и начинот на работа на Стручниот совет, кој преставува само покритие за наводно изгласаните правилници. По состаноците се менуваат во многу делови и точки за кои луѓето од Стручниот совет не гласале, како што е напишано во прочистените текстови од страна на лојалните правни лица кои се на функција во КФМ“, наведува Куртановиќ.
Елвир Куртановиќ – тренер на КК Кеикс
Ipon.mk