Емил Павлов вчера го освои бронзениот медал на Европското првенство во карате за сениори во Гладалахара – Шпанија, кој четврти во неговата кариера, односно втор бронзен и два пати беше европски шампион. Во борбата за третото место го совлада Романецот Флорин Гоголоси.
За борбата која му донесе медал, а која следеше по контроврезното полуфинале со Русинот Евгени Плахутин и во кое беше оштетен од судиите, иако по притисок и под импресии од борбата која требаше да значи трето финале за Павлов тој вели:
„Беше доста тешка борбата за бронзениот медал. Не очекував дека ќе биде толку тешко. Имав незгоден противник. Од самиот старт ми поведе со 2-0. Бркав негатива, но останав психички стабилен и физички подготвен и успеав да ја свртам борбата во моја корист“.
За борбата која одлучуваше за бронзата и што значи медалот за најдобриот македонски каратист, Емил истакнува:
„Иако неправдата во полуфиналето малку ме деконцентрира, успеав да се соземам и да заборавам на тој момент. Успеав да го победам мојот противник и да освојам бронзен медал. Мислам дека е голем резултат да бидеш трет во Европа и втор пат едно по друга да се искачиш на пиедесталот“.
Павлов ситакнува дека ова е голема мотивација за него и понатаму да продолжи да постигнува што е можно поголеми резултати. Како прва можност за докажување се Европските игри во Минск, Белорусија. Со добри резултати, како бронзата од Гвадалахара, Емил се надева дека може да обезбеди норма за Олимписките игри во токио 2020 година.
„Голема благодарност до сите што веруваа во мене и ме подржуваа, пред се моите тренери Сашко Арсовски и Жарко Арсовски, од КФМ, АМС, МОК до најголемиот подржувач на спортот Кирил Гогов кој ни овозможи прекрасни услови за подготовки во Пехчево и до компанијата Телекабел, до мојата фамилија и до сите вас пријатели“, вели Емил.
Да потсетиме дека најдобриот спортист на Македонија за 2018 година два пати беше европски шампион, во 2014 година во Тампере – Финска и минатата година во Нови Сад, Србија, а во 2016 година во Монпелје-Франција, освои бронзен медал, ова му е четврти медал од Европските првенства. Со вкупно четири медали – 2 златни и 2 бронзени Павлов е најуспешниот македонски каратист.
Резултати
-60 кг
Емил Павлов – Рене Адлер (Словачка) 0-1
Емил Павлов – Марко Антиќ (Србија) 1-0
Емил Павлов – Ненад Дуловиќ (Црна Гора) 4-2
Емил Павлов – Евгени Плахутин (Русија) 0-2
За бронза
Емил Павлов – Флорин Гоголоси (Романија) 3-2
Ipon.mk