Еди Херн преговара за меч на Џошуа во легендарната арена за „Борбата во џунгла“.
Промоторот Еди Херн вели дека преговара за меч светскиот шампион во бокс на ВБА, ВБО, ИБО и ИБФ, Ентони Џошуа во Киншаса.
Во 1974 година главниот град на Заир (ДР Конго) беше домаќин на еден од најголемите дуели во историјата на светскиот бокс во кој учествуваа Мухамед Али и Џорџ Форман, наречен „Борба во џунгла“. Во дуелот организиран од познатиот промотор Дон Кинг, Али победи со нокаут во осмата рунда.
„За мене ова е најпознатото место за бокс меч на сите времиња. Властите во Конго имаат намера да го обноват стадионот. Ова е посебен момент, целото ова наследство … Ваквите дуели одредуваат нечија кариера. Имав серија средби на оваа тема. Премногу е рано да се зборува за нешто специфично, но имаме цел. Ентони сака да остави свој белег во спортот. Ако ги погледнете местата каде што бил тој, ќе видите дека боксирал во сите делови на Велика Британија, во Медисон сквер гарден во Њујорк, Саудиска Арабија. Треба да ги додадеме Африка, Кина и Далечниот Исток на тој список, тогаш тој ќе стане светска ѕвезда “, изјави Херн за Би-Би-Си.