Боксерот од Украина, Александр Усик, кон крајот на септември го победи Ентони Џошуа со фантастичен настап пред 70.000 гледачи на стадионот на Тотенхем во Лондон и ги освои појасите светски шампион во тешка категорија на ВБА, ВБО и ИБФ.
По поразот Британецот ја активираше со клаузула и побара реванш. Усик се надеваше дека борбата може да биде во Украина, но сопственикот на Мечрум боксинг и промотор на Џошуа, Еди Херн, веднаш ја отфрли можноста.
А Херн сега се јави и откри кога може да ја гледаме борбата меѓу Александар и Ентони.
„Би можеле да договориме реванш некаде во март. Тоа е голема борба и веројатно ќе има многу заинтересирани кои би сакале да го организираат настанот. Лично би сакал повторно да биде во Велика Британија“, изјави Еди Херн.
Екипата на украинскиот боксер му ја препушти организацијата на Еди Херн, а тие се убедени дека Мечрум боксинг повторно ќе заврши врвна работа.
„Тимот на Усик со нетрпение го очекува враќањето. Тие ќе заработат огромни пари и веруваат дека Усик повторно ќе победи. Џошуа нема друга борба освен таа, а некои му велат да се повлече некое време. Сигурно нема да го направи тоа. Подготвен е и здрав, силен и целосно фокусиран на тој меч. Размислува само за борбата против Усик“, заклучи Еди Херн.