Џудо федерацијата на Македонија демантира објавата на член на ЏК Миоки за кампот во Кикинда

Џудо федерацијата на Македонија демантира објавата на член на ЏК Миоки, а која беше пренесена и во Ипон.мк „Миоки на камп во Кикинда, учествуваат над 400 џудисти од 10 држави“.

„По однос на статусот на социјалните мрежи кој е споделен од  ЏК Миоки врз основа на претходна објава од лице кое не е инволвирано во стручниот дел од џудото и согласно ова нема компетенции и доволно информации да става квалификации за наведените стручни лица од нашата федерација и наши колеги и соработници г-дин Паскоски и г-дин Димитријоски, како стручно тело при ЏФСМ, а со цел да ја презентираме вистинската слика пред јавноста го даваме следниот демант:

Двете наведени стручни лица – тренери на џудо кампот во Кикинда Србија се присутни таму во сопствена клупска режија, каде организатор на кампот е џудо клуб од Србија. Мораме да нагласиме дека на кампот има и други стручни лица, тренери, селектори, но и  спортисти од нашата држава кои активно и рамноправно партиципираат на овој џудо камп, заедно со останатите присутни,  каде никој не е во подредена улога.

Во делот од објавата дека колегите Паскоски и Димитријоски не биле дел од стручниот тим во нашата држава ве информираме за следното:

Игор Димитријоски веќе 4 та година е член на Комисијата за едукација и лиценцирање на џудо тренери при ЏФСМ а исто така заклучно  со првата половина од  2022 година беше и селектор на кадетската репрезентација кога самоиницијативно се повлече од истата позиција.

Исто така тренерот Паскоски заклучно со првата половина од 2022 година беше селектор на Сениорската репрезентација кога и тој  се повлече на своја иницијатива.

Дополнително на лицето кое објавува и е загрижено за овие две стручни лица кои не биле дел од стручниот тим кај нас, сакаме да укажеме дека истите изминатата година поднесувајќи оставки свесно ги избегнаа репрезентативните обврски со спортистите, ставајќи ги личните и клубските интереси пред националните, со што сакаа да предизвикаат дисбаланс во функционирањето на Џудо федерацијата, која, пак, објави и три конкурси за селектори каде наведените не се пријавија, и согласно ова, ЏФСМ  преку стручните тела се издигна низ овие вештачки создадени состојби и успешно ја заврши 2022 на репрезентативен план.

Доказ за сево ова е освојувањето на неколку медали од Балканските првенства во 2022 г., а епилог на сето тоа е укажаната доверба со доделување организација на Балканско првенство за кадети и Европски куп за јуниори што се должи на макотрпната работа и труд како на стручниот тим така и на раководството на ЏФСМ.

Затоа сакаме најдобронамерно да порачаме дека оваа експертиза и високото ниво кои го покажале нашите колеги во Србија да го вложат и придонесат за нашата федерација и држава, а не да се води негаторска и негативна кампања према останатите стручни лица и нашата матична федерација“, наведува во демантот претседателот на Стручниот совет и спортски директор Ѓорѓија Стојанов.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON