Промоторот на Џошуа, Еди Херн неодамна истакна дека разговорите со тимот на Вајлдер се при крај, а наскоро треба да пристигне потврда дека е договорен боксерски меч меѓу Еј Џеј и Бронзениот бомбардер.
Наводно, двете страни се согласиле со условите, но потребно е да се договорат некои други детали и конечно да се стави потпис на договорот.
Сопственикот на Мечрум бокс потврди дека Џошуа сака да ја има следната борба против Вајлдер, што го потврди и самиот поранешен шампион.
„Сакаме да договориме меч против Вајлдер за декември и сега размислувам само за таа борба. Нема да се борам пред тоа“, изјави Ентони Џошуа и додаде дека Саудијците сепак сакаат да организираат меч за апсолутен шампион во тешка категорија:
„Фјури мора да го победи Френсис Нгану, а Усик треба да го победи Даниел Дубоа. Целта е Усик и Фјури на истиот настан да се изборат за обединување на појасите, а јас и Вајлдер како двајца големи удирачи. Потенцијално ќе биде одлично шоу, но ќе видиме дали тоа ќе се случи“.
Пред неколку дена, промоторот на Усик, Александар Красјук, исткана дека се уште се надева оти може да се договори меч против Фјури.
„Ние сме должни да го договориме тој меч. Целиот свет сака да ја гледа таа борба. Сите сакаат да го гледаат мечот за обединување на светските титули“, изјави Александар Красјук.