Екипата на Кубрат Пулев изрази желба борбата за титулата светски шампион во тешка категорија со Ентони Џошуа да се одржи во Хрватска, објави Скај спорт.
Британецот требаше да ги брани титулите во ВБА, ВБО, ИБФ и ИБО против задолжителниот предизвикувач на ИБФ на стадионот на Тотенхем Хотспар во Лондон во јуни, но поради пандемија на коронавирус, настанот беше одложен.
Екипата на Бугаринот смета дека пулската Арена би била идеална локација за борбата.
Покрај Хрватска, има понуди од Саудиска Арабија и од две други земји.
„Од наша страна ја предлагаме Хрватска“, рече менаџерот на Кубрат Пулев, Ивајло Гоцев, за бугарските медиуми.
„Таму има единствен римски амфитеатар – Пула Арена и имаме активни разговори за тоа. Ни се допаѓа оваа опција затоа што е во Европа, среде континентот. Самата Арена обезбедува единствено чувство. Согласноста мора да биде взаемна, сакаме услови и правила што ќе ги задоволат двете страни. Херн зборува за Блискиот исток. Не можеме да одржиме борба во Бугарија затоа што Џошуа нема да се согласи со тоа. Сакаше да боксира на свој терен, но виша сила доведе промени. Кубрат беше подготвен да боксира нанегов терен, дури и ако членовите на неговото семејство се судии“.