Џејк Пол го победи Тајрон Вудли, Даниел Дубоа уверливо стигна до нов триумф (ВИДЕО)

Јутјуб ѕвездата Џејк Пол (4-0, 3 КО) го совлада поранешниот шампион на УФЦ во средна категорија, Тајрон Вудли (0-1) со поделена одлука на судиите на боксерски настан во Кливленд. По овој триумф, ќе биде тешко да се замолчи јутјуберот.

Во многу динамичен и неизвесен меч двајца судии му дадоа предност на Џејк (77-75, 78-74), а третиот беше за Тајрон (77-75).

Тоа беше најтешкиот противник досега за 24-годишниот Пол кој одлично го отвори мечот. Првите три рунди му припаднаа на јутјуберот.

Но 15 години постариот Вудли ги пушти сопирачките и силно возврати.

Во четвртата рунда само јажињата го спасија Џејк да не падне. Пол изгледаше потресен, но го преживеа нападот на ураганот Вудли.

Тајрон продолжи во ист ритам и во петтата рунда, но сериозно не го загрози противникот. Пол повторно зеде здив и беше многу поактивен во шестата и седмата рунда.

Последната рунда помина во тактичко надмудрување во кое јутуберот главно држеше дистанца, за да не добие некој заскитан удар.

Во текот на средбата Вудли не можеше да искомбинира неколку удари и цело време се мачеше да го најде вистинскиот ритам. Пол исто така не изгледаше премногу импресивно, но боксираше доволно добро за да стигне до победата.

Ова беше четврта победа на јутуберот во неговата професионална кариера откако со нокаут ги победи колегата АнесонГиа, поранешниот кошаркар на НБА, Нејт Робинсон и поранешниот ММА борец, Бен Аскрен.

Даниел Дубоа (17-1, 16 КО) не се испоти добро против Ангел Кусуман (19-4, 17 КО). Британскиот тешкаш стигна до нова победа со прекин 53 секунди пред крајот на првата рунда.

Имено, Дубоа почна силно и веднаш го собори Кусуман, а подоцна го стори тоа уште двапати. Откако Американецот падна по трет пат, и покрај тоа што брзо се крена, судијата Џорџ Николс ја прекина борбата.

Помладиот полубрат на Тајсон Фјури стигна до седмата професионална победа. Непоразениот Томи Фјури (7-0, 4 КО) го победи ММА борецот Ентони Тејлор (0-2) по четири рунди со едногласна одлука на судиите.

Претседателот на Шоутајм, Стивен Еспиноза, рече дека Томи со борба против Тејлор има аудиција за можна борба против Џејк Пол, но со оглед на неговата презентација и здодевниот настап, најверојатно нема да добие шанса.

По десет рунди шампионката на ВБЦ и ВБО, Аманда Серано (41-1-1, 30 КО) со едногласна одлука на судиите ја совлада Јамилет Меркадо (18-3, 5 КО).

Аманда ја покажа својата прекрасна техника и изгледаше подобро, но не успеа да ја нокаутира противничката. Јамилет со својата цврстина до максимум ја отежна работата на шампионката.

Во мечот во полутешка категорија Монтана Лав (16-0-1, 8 КО) со прекин го совлада поранешниот шампион на ИБФ Иван Баранчик (20-3, 13 КО).

Американскиот боксер го собори Белорусинот во седмата рунда, а во паузата помеѓу рундите тренерот на Баранчик ја прекина борбата за да спречи Иван да се здобие со потешки повреди. За Баранчик тоа беше втор пораз по ред и трет во последните четири борби.


ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON