Драгана Тодорова и Никола Трајковски со репрезентацијата во борење на Кина на Олимпијадата во Париз

Македонија ќе има претставник (претставници), на Олимписките игри во боречките спортови, како поранешна каратистка репрезентативка Драгана Тодорова сега ќе биде во друга улога, и тоа за спортската велесила Кина. Покрај Тодорова, во тимот на Кина е и Никола Трајковски.

Тие се веќе неколку месеци со репрезентативците во борење на Кина кои се подготвуваат за настап на Олимпијадата во Париз во улога на фзиотерапевти.

Драгана Тодорова е дипломиран физиотерапевт со сертификати од различни курсеви во областа на физиотерапијата и мануелна техника Последно работно искуство пред заминување во Кина  е со РК Голден арт, односно 7 години работно искуство во спортот. Покрај работата со Голден арт, таа има работено со РК Металург, со младинските национални тимови во кошарка и ракомет, но и во тениска академија и карате. Во Кина работи со женскиот олимписки  тим во борење слободен стил.

Кинескиот тим ќе има пет девојки во Париз на Олимписките игри.

Нејзиниот колега Никола Трајковски е дипломиран физиотерапевт со сертификати од различни курсеви во областа на физиотерапијата и мануелна техника, а пред заминувањето во Кина работи во, КК МЗТ- Скопје и Атлетска федерација на Македонија. Тој е 7-годишно работно искуство во спортот (РК Металург, КК Работнички, КК МЗТ Скопје, сенироска кошаркарска репрезентација, кошаркарска академија и АФМ. Во Кина работи со двата машки олимписки тима во слободен и грчко-римски стил.

Во слободен стил Кина ќе има 4 квалификувани борачи, а во грчко-римски 3 борачи.

„Двајцата пристигнавме во Кина почеток на 2024 година и договорот ни е до завршување на Олимписките игри во Париз, крајот на август, со можност за продолжување за наредниот циклус на Олимписки игри 2028“, вели Драгана за Ипон.мк.

Драгана објаснува зошто во Кина се носат странци.

„Кина како држава почнува да се отвара спрема светот и скоро во секоја федерација има странски работници на различни позиции, кои ќе придонесат за поголем напредок на спортско поле со имплементација на европски/американски видици.

Конкретно, во оваа федерација имаме колеги од Франција, Италија, Америка и Шведска. Кинезите се многу прецизни и го бараат најдоброто во секој поглед. Ако во случај не се задоволни од нешто, веднаш бараат замена. Европските и американските погледи се многу поразлични од кинеските и обидуваат да ги имплементираат на терен“, вели Тодорова.

За условите во Кина вели дека се беспрекорни и дека самата федерација се стреми кон совршенство. Опременоста на спортските сали и фитнес центри е на високо ниво.

„Стационирани сме во олимписката база во Пекинг, меѓутоа тимот често ги менува локациите на тренирање поради временските услови. На пример, во најладната зима во Пекинг (-20 степени, нас не преселија 2 месеци на островот Хаинан на тропска клима од 25 степени. Летово, кога во Пекинг температури стигнаа до +40 степени, тимот го преселија 2 месеци во Чинквандао, покрај море каде што температурата беше не повисока од 30 степени. Се обрнува внимание на квалитетот на храната и суплементацијата, особено бидејќи се спортисти кои се подлежни константно на допинг контроли“, истакнува Тодорова.

За тоа како ја прифатиле оваа примамлива понуда Никола и Драгана ја истакнуваат пријателската врска.

„Во комуникација со пријател кој е кондиционен тренер во Шангај, имав и претходно понуди за работа во Шангај, но не беа доволно добри за да ја напуштам работата и тимот во Скопје. Кога ми се понуди опцијата да работам во Кина за Олимпискиот комитет на оваа земја, без размислување прифатив. Да работиш како терапевт во олимписки тим за друга држава е нешто што не го добиваш секој ден. При комуникација со тамошната федерација се отвори уште една позиција за терапевт во женскиот тим па ја исконтактирав Драгана со која имав соработка и во Скопје“, посочува Никола Трајковски.

А Драгана вели: „Кога ми се понуди опцијата да работам во Кина, без размислување прифатив. Во прашање беше борењето, а како личност сум наклонета кон боречките спортови, особено што и самата бев репрезентативка во карате. Ми беше многу мило што повторно имам можност да работам со боречки спорт, овој пат во медицинскиот тим. Беше голем чекор и предизвик од самиот старт, почнувајќи од моментот да се среди документацијата во период од 10 дена“.

Тодорова потенцира дека во професионален поглед се соочиле со многу предизвици.

„Борачите  се навикнати на еден тип на медицински пристап и не беше лесно да ги доближиме нашите знаења и искуства, земајќи го предвид фактот што се интровертна нација. Со трпение и многу апликации за преведување го совладавме и тој момент. Постепено го вметнувавме нашето знаење, а во меѓувреме работевме по нивни методи, и успеавме да најдеме начин како да се работи по кинески принципи со европски примеси“, вели Драгана.

Тодорова нагласува дека се воодушевени од дисциплината која владее и дека тоа е една од најбитните причини зошто толку брзо напредуваат во спортот, но и во сите други области.

„Најпоставувано прашање ни беше: Како се снаоѓате со храната? Во принцип најмалку проблем имавме со храната. Храната е разнолика, без конзерванси, шеќери  и високо протеинска.

И не, не јадеме лилјаци и змији“, објаснува Драгана.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON