Македонскиот олимписки комитет на прес-конференција каде покрај претседателот Даниел Димевски и спортистите учесници дадоа целокупно мислење за Летните олимписки игри во Токио.
„Беше привилегија да се биде во Токио имавме фантастичен склоп на спортисти и тренери, со одлично дружење и атмосфера. Направивме капитал во луѓе кој од година во година само ќе се надоградува. Ја претставивме Македонија во најдобро светло, бевме на ниво на секој настан. Бевме бројни, не бевме невидливи, домаќините добро не примија и максимално го одработивме овој настан. Им благодарам на сите за максималното залагање и резултатите што ги постигнаа, сите имаат одлични резултати, постигнати се лични како и национални рекорди и сето тоа е заокружено со фантастичниот настап на Дејан Георгиевски кој донесе сребрен медал. Тоа е највисокото одличје кое во моментов го имаме во нашата држава.
Оптимизмот кој зрачеше од Дејан во секој негов настап е плод од долгогодишна работа која е максимално осмислена, водена професионално и реализирана во медал на ОИ. Привилегија ми е што јас лично верував во целиот тим, посебно во Дејан, и ќе кажам една тајна, дека уште од првиот ден кога се запознавме со Дејан си реков дека со него ќе прославам медал од ОИ“, кажа Димевски.
Првиот човек на МОК се надева дека во иднина македонската делегација ќе биде побројна и поприсутна во повеќе спортови и се разбира ќе се донесат и медали.
„Мило ми е што МОК веруваше во стипендистите и тие ја оправдаа довербата, а ние како организација ќе продолжиме да стипендираме идни наши ѕвезди. Сега ќе имаме слатки маки тоа да бидат што повеќе спортисти, ако на овие ОИ поставивме високо ниво, на наредните да бидеме на уште повисоко но и побројни, со повеќе олимписки норми и со повеќе одличја. Кога дојдоа на чело на Олимпискиот комитет реков дека нема само да учествуваме туку ќе одиме да запишеме добар резултат на секој настан. Тоа го направивме сега, тоа ќе го направиме и во иднина.
Сите други спортисти заслужуваат максимална почит, бидејќи ги подобрија личните и националните резултати и сите акумулираа искуство кои ќе им помогне во кариерите но и истото да го пренесат на другите колеги.
Мислам дека имавме фантастичен настан позади нас и многу ми е мило што го израдувавме народот со фантастичен пречек. Поминаа доста години кога учествував во пречекот по Литванија и видовме што значи тоа за народот. Мило ми е што Дејан направи нов урнек. Дека секој млад спортист мора да се види горе на подиумот и дека врвниот резултат е тоа што треба да се постигне. Мислам дека Дејан тоа на дело го покажа и тој пример ќе го следат и други и за нашиот спорт ќе нема зима“, додаде првиот човек на МОК.
Претседателот Димевски вели дека тој како претседател заедно со неговите соработници во Токио потпишале договор со соработка со Словенечкиот и германскиот олимписки комитет.
„Словенечки комитет со кој потпишавме за Зимските игри договор. Склучивме договор и со германскиот олимписки комитет. Соработката е да пратиме наши тренери кај нив, но и тие да пратат нивни кај нас и да ги искористиме сите ресурси кои што ги имаат. Третиот договор е со департментот на ИОК околу медиските. Нашата продукција на МОК ТВ каналот да го дадеме на нив. Се што ќе продуцираме како сигнал . Четворогодишен договор по 30 илјади долари годишно кои ќе бидат искористени за следни олимписки спортисти. Листата до крајот на годината ќе ја редефинираме. Ќе влезат некои нови спортисти, како што кажав Дејан останува и ќе биде најмногу финансиран наш спортист. Сепак, идејата ние да опфатиме и други спортови. Женско борење, женски бокс“, изјави Димевски.