Во мај Тајсон Фјури го претрпе првиот пораз во кариерата од Aлександaр Усик во мечот за апсолутниот шампион во тешка категорија.
А Кралот на Ромите веднаш доби шанса за реванш и тој ќе се одржи на 21 декември, но многумина очекуваат тоа да биде уште една тешка борба за британскиот борец.
Еден од нив е британскиот тешкаш Дилиен Вајт, кој загуби од Фјури во април 2022 година. Боди Снечер смета дека Тајсон има шанса само доколку не се исцрпил на сите мечеви досега.
„Тоа е бокс во тешка категорија, така што се е можно. Не можеш така да го отпишеш Фјури“, рече Дилиен Вајт и додаде:
„Но, можеби сите овие тешки борби што ги водел досега целосно го исцедиле, никогаш не се знае. Тој е човек и имаше многу тешки натпревари, нокдаун и можеби тоа си го наплати данокот. Можеби му снемало жар и повеќе не е толку мотивиран. Ако тренира како што треба, мислам дека има шанси“.
Сите се сеќаваме на ситуацијата од деветтата рунда кога Усик го испрати Фјури во нокдаун.
„Фјури е голем, но самодовербата на Усик ќе биде огромна. Порано Тајсон мислеше дека може да го надбоксира, но сега знае дека Усик може да го повреди. Овојпат Фјури ќе има многу потешка задача“, потенцира Дилиен Вајт.
Фјури боксираше против поранешната ѕвезда на УФЦ Френсис Нгану пред борбата со Усик и не изгледаше најдобро.
Камерунецот исто така го собори во еден момент, но Кралот на Ромите на крајот победи со поделена одлука.