Ентони Џошуа не смета дека победата над Владимир Кличко би го направила најдобар боксер во тешка категорија. Англиската ѕвезда се вклучи на уште една прес-конференција за загревање на мечот меѓу нив. Брифингот се одржа во германскиот град Келн. Супердербито меѓу лидерите на новата и старата генерација во професионалниот бокс ќе се одржи на 28 април во Лондон.
„За да те почитуваат, треба да ги обединам сите појаси во категоријата. Затоа, евентуалната победа против Кличко, нема да ме направи број еден. Немам намера да тврдам дека сум апсолутен шампион, бидејќи не сум ги обединил сите појаси. Треба да уште да вложам труд за да ја исполнам таа цел“, објасни Џошуа кој уште нема пораз како професионалец и сите победи се со нокаут.
Џошуа имал специјални подготовки за да се спротивстави на едно од најпознатите страотни оружја на Кличко – левиот директ.
Украинецот потврди дека се чувствува подготвен да се врати на врвот. Титули во тешка категорија ги загуби кон крајот на 2015-тата, кога изненадувачки беше совладан на поени од Тајсон Фјури. Оттогаш ветеранот не стапнал на рингот.
„И двајцата имаме многу заеднички нешта, како удари и растојанието на рацете. Тој е многу блиску да биде моја копија, но разликата е во искуството“.
Мирниот тон на прес-конференциите не треба да ги загрижува навивачите, дополни Украинецот.
„Тоа е како затишје пред бура“, изјави Кличко и додаде:„Откако ќе загираат тупаниците, сите лични односи остануваат настрана. Време е за бизнис во 12 рунди. Пред и по натпреварот можеме да бидеме пријатели“.