Владимир Кличко преслуша уште една жртва на професионалниот ринг. Утрово Украинецот го победи предизвикувачот Брајан Џенингс на поени во „Медисон Сквер Гарден“. Американецот се бореше машки и ги издржа сите 12 рунди, но на крајот судиите победата му ја доделија на Кличко, кој веќе има 18 одбрани светската титула. Двајца од судиите му дадоа 116-111 поени за светскиот шампион, а третиот пресуди 118-109. Така, тој ги задржа титулите на ВБА, ИБФ, ВБО и ИБО и сега има 64 победи на сметката, 53 со нокаут, и само 3 порази. Покрај тоа, тој го израмни рекордот на Џо Луис за најмногу натпревари за светската титула.
Во почетокот на мечот Џенингс започна агресивно, но на крајот на првата рунда Кличко успеа да му нанесе неколку тешки удари. Потоа двајцата продолжија со тактички надмудрувања и во втрата круг, но повторно Украинецот беше оној кој нанесе опасни удари.
Во третата рунда Џенингс беше многу подвижен и му нанесе неколку удари во телото на Кличко. Потоа, тој се пожали на судијата од постојаното притискање во клинчовите од страна на Украинецот. Кон крајот на рундата, при едно задоцнето повлекување доби тежок удар во главата.
Во четвртата рунда ривали се отворија и разменија неколку удари. Потоа во петата Џенингс ја изработи најсилната рунда и на два пати успеа да ја погоди главата на Кличко, кој видливо започна да се нерира од развојот на мечот, бидејќи противникот многу успешно му го наруши ритамот. Во шестата рунда Американецот повторно нанесе неколку удари во главата на Украинецот, кој, сепак, одговори со иста мерка со две десни крошеа. Во седмата рунда двајцата почнаа позициона борба, но Џенингс повторно избувна со лево кроше, а потоа со зборови обиде да го изнервира Кличко.
Осмиот рунда започна со две последователни леви крошеа од страна на Џенингс. Кличко одговори со лево кроше, а потоа и десен директ во главата на Американецот, а на крајот светскиот шампион успеа да пласира и неколку директи со левата рака, иако не беа многу силни. Во следната рунда Џенингс повторно ја презеде иницијативата. Започна со неколку удари во телото на противникот, а потоа следеше забелешката за Кличко дека притиска во клинчовите. Американецот потоа повторно нападна и успеа да нанесе прво десен, а потоа и лев директ во главата на Украинецот, кој во 10-тата рунда доби и казна со одземање на поен за притискање. Лутиот Кличко, сепак, потоа нанесе два последователни удари во главата на Џенингс.
Во претпоследната, 11 рунда, двајцата почнаа со размена на удари, но на крајот повторно Кличко нанесе два тешки десни директи во главата на Американецот. На крајот средбата стигна и до 12-тата рунда, во кој Кличко беше поактиве и задавајќи неколку тешки удари во главата на Џенингс, кој сепак не се предаде до крајот и мечот мораше да биде решен со гласовите на судиите, кои победата му ја доделија на Украинецот. Со овој успех Кличко, речиси, сигурно ќе си обезбеди средба со Дионтеј Вајлдер за обединување на четирите најпрестижни појаси во светскиот бокс.
https://youtu.be/Wt0H4WEzgh8