Американскиот боксер во тешка категорија, Брајант Џенингс, го критикуваше мечот за титулата во тешка категорија меѓу Тајсон Фјури и Владимир Кличко.
„Го гледав мечот, но не ми се допадна“, призна поранешниот кандидат за светската круна и додаде:„Не верувам дека на некој му се допаднал. Беше грозно за гледање“.
Џенингс се бореше со Кличко во април. Тој покажа сличен стил како на Фјури, кога постојано бараше борба од дистанца и со брзи напади се обиде да го изненади Украинецот. Американецот не успеа да биде доволно ефективен и изгуби на поени.
Џенингс се враќа на рингот во саботата вечер. Тој ќе боксира со непобедениот Кубанец, Луис Ортиз (23 победи, 20 со нокаут). Дуелот е за привремената титула на Светската боксерска асоцијација.