Пред една година, Даниел Џејкобс и Серхио Мора направија возбудлива борба од која како победник во втората рунда излезе Џејкобс, откако неговиот противник го повреди глуждот при нокдаунот.
Возвратниот меч се одржа во Рединг, Пенсилванија и Џејкобс (32-1, 29 КО) овој пат Мора (28-5-2, 9 КО) го сопре во седмата рунда и по четврти пат ја одбрани „редовната“ ВБА титула во средна категорија.
29-годишниот Американец пет пати го уриваше противникот на патот до победата, но тешко е да се процени дали броењето во четвртата и петата рунда беше оправдано. Во седмата рунда немаше сомнеж кога Џејкобс три пати го уриваше Мора.
ВБА најави дека ќе нареди борбата меѓу „супер“ шампионот Генадиј Головкин и „редовниот“ Џејкобс, ако Казахстанецот го победи Кел Брук (иако ВБА појасот не е влог во тој меч).
„Сакам да докажам дека сум најдобар среднист во светот. Значи, ако „Трипл Г“ постигне победа, го сакам него“, изјави Џејкобс по победата.