Дејан Митровски: Ветивме светска титула и го исполнивме тоа, Илиоски е гордост македонска!

Македонскиот кикбокс има повторно со што да се гордее по освоеното светско злато на Бобан Илиоски на Светското ВАКО првенство кое се одржа во Португалија.

Претседателот на КМФМ и селектор на националниот тим, Дејан Митровски – Урко сосема очекувано задоволен од освоената светска круна на Илиоски која што ја најави уште пред тргнувањето за Португалија.

„Пред самото тргнување за Португалија најавивме дека ќе донесеме злато, и го исполнивме тоа. Бобан имаше навистина тешки борби против максимално подготвени и искусни борци како Алберт Угриншиќ од БиХ, Ељан Алкишyев од Азербејџан и Нурбек Уришбоев од Узбекистан, но беше тактички извонреден, борејќи се балансирано сигурно и во согласно со однапред подготвените тактики. Можам да кажам дека Боби е во одлична форма на која работевме подолго време со сериозни подготовки и надвор од нашата земја, по што неизбежно се издвои како сериозна конкуренција во кик боксот од светски рамки како гордост македонска“ – вели за ЕКИПА од Португалија, Дејан Митровски – Урко, веднаш по добивањето на светската титула, притоа дополнувајќи:

„Јас како претседател на нашата федерација сакам да напоменам дека и во спортот, како и во животот, и тоа како се соочуваме со неправди, разочарувања, не добивајќи го секогаш она што реално го заслужуваме. Но, со истрајност, упорност и силна волја наша и од Бога, резултатот и успехот ќе дојде како награда. Ветив злато и исполнивме“.

На Светското првенство во Португалија за Македонија настапија и Андреа Костовска во дисциплината кик лајт (до 55 килограми), која во квалификациите загуби од Лаура Ковач од Унгарија.

Настапи и Климент Грозданоски во кик лајт (-89 кг) против Ортега Жосуе од Венецуела, но со штета нанесена од судиите борбата иако чиста за македонскиот кикбоксер, со неправедно доделени казни од судиите му беше украден триумф.

„Иако поднесовме жалба за борбата на Грозданоски, со навистина издржани забелешки, добивме поддршка и од останатите селекции на шампионатот, сепак жалбата не ни беше уважена. До крајот на оваа година ни остана уште Европското првенство во мај тај во Анталија од 7 до 14 декември со што ја завршуваме оваа година. На почетокот од следната 2024 година планирана е ВАКО-ПРО организацијата на професионална борба за Боби Илиоски за која дополнително ќе следат информации“, вели најзаслужниот човек за македонските кикбокс успеси, Дејан Митровски – Урко.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON