Денеска на вонредна седница на Кик боксинг федерацијата на Македонија за нов претседател е избран м-р Дејан Митровски – Урко, инаку селектор на репрезентацијата. Инаку до изборот дојде по оставката на досегашната претседателка на федерацијата Александра Неделковска.
Митровски е избран едногласно за нов претседател на Кик боксинг федерацијата на Македонија од членовите на Собранието на КБФМ.
На Собранието е избран и нов Извршен одбор и нов Надзорен одбор.
По завршувањето на Собранието се одржа седница на новиот Извршен одбор на КБФМ на која за генерален секретар е избран Драган Атанасовски.
Новоизбраните челници на КБФМ, тандемот Митровски и Атанасовски се активни членови на КБФМ за време на формирањето па до денес, најпрво како натпреварувачи, а потоа и како тренери на спортски клубови и репрезентацијата.
Новиот претседател и се заблагодари на членовите на Собранието за укажаната доверба и изборот.
„Го сакам кик боксот, ќе работам чесно и достојно во согласност со Статутот на КБФМ за доброто на кик боксот и за негово издигнување на уште повисоко ниво. Веќе работиме на подобрување на меѓуклупските и меѓутренерските односи, за сите заедно да дадеме свој придонес кон зајакнување на колективот меѓу клубовите во федерацијата кој ќе вроди со продуцирање на поквалитетни натпреварувачи и постигнување на уште поголеми резултати, како на домашни, така и на меѓународни првенства.
Јавно им се обраќам на сите кик бокс клубови, тренери, натпреварувачи и спортски работници дека вратите на Кик бокс федерацијата се отворени за сите оние кои вистински сакаат да бидат дел од неа. Во следниов период акцентот ќе го поставиме на вториот дел од Европското сениорско ВАКО/WAKO првенство кое ќе се одржи во Лутраки, Грција, со што ќе го завршиме овогодишниот натпреварувачки календар“, рече Митровски.
Ipon.mk