„Мислам дека имаше среќа. Бевеме рамо до рамо“, е првиот коментар на Дејан Митров (-65 кг) за ipon.mk по несреќно загубената борба со светскиот првак Давид Сафиријан од Ерменија.
„Јас бев поактивен. Само среќата беше на негова страна. Доколку бев во другата група, се гледав во првите тројца. Ама, борењето е таков спорт. Со напорна работа и со Господ напред се подготвувам за Светското првенство во Лас Вегас (САД) и очекувам норма за Олимписките игри во Рио де Женеиро 2016 година“, категоричен е Митров.
Да потсетиме дека средбата заврши нерешено 2-2. Но, поради тоа што Сафаријан во една акција освои два поена, а Митров во две акции по еден поен, судиите му ја доделија победата на Ерменецот, што е според правилата.
Иако нашиот Митров беше поактивен и последен освои поен ( светскиот првак имаше дури и 2 јавни предупредувања), судиите му ја доделија победата на противникот, поради тоа што тој извел акција, што се бодува со 2 поена, а Митров освоил два пати по 1 поен.
Во секој случај, Митров прикажа одлична борба и беше на прагот на најголемата сензација.
Сафаријан загуби од Бугаринот Новачков со 8-6 во 1/8 финалето, со што се изгуби можноста Митров преку репасаж да ги потврди своите кавлитети и да се бори за медал.
ipon.mk/В.Д.