Дејан Милошевски трета година по ред меѓу најдобрите 16 карате судии во САД

Македонскиот карате судија и спортски амбасадор, Дејан Милошевски, по трета година по ред е избран меѓу најдобрите 16 карате судии во Соединетите Американски Држави, што претставува уште едно големо меѓународно признание за неговата професионална кариера и за македонскиот спорт.
Во текот на 2025 година УСА Карате забележа рекорден раст, при што само во 2025 година беа додадени над 260 нови судии во судискиот кадар, а вкупниот број на активни и лиценцирани карате судии во САД надмина 500. Поради тоа, конкуренцијата за да се биде дел од елитниот судиски тим за избор на националниот американски тим е исклучително силна. Во таква конкуренција, Милошевски ја започнува 2026 година повторно рангиран меѓу Топ 16 судии во САД, потврдувајќи ја својата континуирана елитна позиција на национално ниво.

„Процесот на селекција за националниот тим беше исклучително ригорозен и се одвиваше во текот на два дена, при што натпреварите првично се судеа на две татами, а потоа, за најголемиот дел од борбите и клучните мечеви, селекцијата продолжи на една татами, што дополнително ги зголеми притисокот и стандардите за судење“, објаснува Дејан Милошевски и додава:
„Сите натпревари беа судени според новите правила за 2026 година, а за сите кумите мечеви беше користен и видео преглед (видео преглед), што овозможи максимална прецизност, транспарентност и фер-плеј во донесувањето на судиските одлуки“.
Од стотици активни судии, само 16 се официјално избрани секоја година низ ригорозен процес на селекција да судат на највисоко ниво на националните натпревари на УСА Карате при изборот на националниот тим, а Милошевски по трет пат по ред се наоѓа во оваа престижна група.
Воедно, тој беше и член на комисијата за жалби, одговорна за решавање на сите протести и официјално толкување на карате правилата, што дополнително ја потврдува довербата и респектот што ги ужива во судиските кругови.
Покрај тоа, тој продолжува и со својата значајна улога како асистент на главниот судија за Регион 4, кој опфаќа 12 американски држави, како и со активна вклученост во судиски семинари и обуки за професионална едукација и менторирање на нови судии, придонесувајќи за иднината на карате судењето во САД.

По повод овој успех, Милошевски упати и лична благодарност до раководството на УСА Карате:
„Искрена благодарност до претседателката на УСА Карате, Елиса Ау, директорот за спорт, Броди Бурнс, како и до претседателката на судиската комисија, Фариба Мадани, за селекцијата и укажаната доверба. Голема чест е да се биде дел од судиски тим кој постојано го унапредува квалитетот и интегритетот на карате спортот во САД“.
Со овој успех Дејан Милошевски уште еднаш ја потврдува својата позиција како еден од најуспешните и најреспектираните македонски карате судии во САД, гордо претставувајќи ја Македонија и македонската дијаспора на највисоко спортско ниво — трета година по ред.



