Утре Дејан Георгиевски во 6:45 часот по македонско време излегува на олимпиското татами во Токио за да ги одмери силите со актуелниот светски шампион Рафаел Алба од Куба. По тој повод разговарвме со нашиот таеквондо репрезентативец.
До Олимписките игри стигна со одличен настап на квалификацискиот турнир во Софија, по што следеше еуфорија од восхитувања бидејќи македонски спортист избори норма на татамито. Како го помина овој период во кој имаше многу медиумски настапи, приеми и слично?
-Задоволен сум како македонската спортска јавност реагираше на обезбедената олимписка норма. Особено сум задоволен како реагираа сега, овие денови пред настап. Поддршката е многу голема, благодарам за тоа.
Што значи учетсвото на Олимписките игри и тоа што го носеше знамето на отворањето?
-Тоа што го носев знамето беше за мене посебен момент. Да бидете знаменосец на Олимписки игри е сон. Македонското знаме за мене е светост.
Од страна на селекторот беше објавен план за подготовки во повеќе етапи. Како поминаа подготовките и на што посебно работевте во овој период?
-Подготовките поминаа перфектно. Направивме се што можеме да направиме. Моите тренери направија совршен план.
Во настапите уверливо истакнуваш дека не одиш само да се прошеташ до Токио туку дека ќе атакуваш на златото. Тоа е ретка самоувереност кај наш спортист. Што е она во што веруваш дека ќе успееш на ОИ?
-Вака, јас секогаш одам на злато, дали е тоа европско, светско или какво било друго првенство. Носител сум на европски злато и сребро, тоа ми дава за право секогаш да целам до првото место.
Успехот на крајот ќе зависи од божјата волја. Ова што го постигнав до сега, верувам е голем успех, кој 12 години не го направил наш домашен спортист. Медал од Олимписки игри е нешто повеќе од успех – тоа е историја.
Кои ќе ти бидат конкуренти за медал во најтешката категорија?
-Првата борба одам на светскиот првак, тоа не ми значи ништо. Одам да победам!
Што ќе и порачаш на македонската јавност?
-На македонската јавност, пред се, сакам да се заблагодарам за големата поддршка, потоа да кажам дека ќе го дадам и последниот атом од себе за да ја израдувам Македонија.