Дејан Георгиевски продолжи да ги собира сите награди за најдобар спортист оваа година, а вечерва беше крунисан и на традиционалниот избор што го организира Агенцијата за млади и спорт.
Олимпискиот вицешампион во таеквондо сосема заслужено е прогласен за најдобар спортист на Македонија за 2021 година по историскиот успех во Токио. Неговиот тренер Борче Костовски исто така го понесе признанието за најдобар тренер, а Таеквондо федерацијата е најдобра спортска федерација.
„Нема поголема чест од тоа да се бранат боите на својата татковина. Благодарност до сите и до целата македонска јавност за пречекот на плоштадот во Скопје. Вие и Македонија сте мојот мотив да продолжам со нови успеси, одиме (на Олимписките игри) по злато“, изјави Георгиевски, кој на игрите во Токио го освои сребрениот медал во категоријата над 80 килограми и на македонскиот спорт му го донесе првиот олимписки медал по пауза од 21 година.
Наградата на Георгевски на 67. по ред традиционална манифестација „Спортист на годината“, што вечерва се одржа во Македонскиот народен театар, му ја врачи шефот на државата, Стево Пендаровски.
Наградата „Најдобра спортистка за 2021 година“ ја освои Мери Акиевска, која освои четири златни медали на Светското првенство во фитнес и боди билдинг.
„Огромна благодарност до Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет за големата поддршка, како и до мојот фитнес клуб „Магнус“. Од овој момент можам да ветам дека заедно со мојот стручен тим ќе се подготвуваме барем уште еднаш да го повториме овој успех и македонската химна повторно да ечи и сите да ја слушаат“, изјави Акиевска на свеченоста во организација на Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија.
За најдобри млади спортисти прогласени се ракометарката на Металург, Ива Младеновска и каратистот Столе Смилковски од Олимпик.
Од националните тимови во машка конкуренција признанието отиде за Фудбалската репрезентација, која изминатава година играше на Европското првенство и обезбеди бараж за СП.
Најдобар женски национален тим е кадетската ракометна репрезентација.