Давид Петков: Медалот на СУИ за боречки спортови е мотивација да освојам европски и светски одличја

Давид Петков се закити со два медала на Светските универзитетски игри за боречки спортови во Самсун, Турција. Каратистот на Макпетрол претставувајќи го Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во поединечна конкуренција до 67 килограми освои бронзен медал, а во екипна сребрен.   

За освоениот медал Петков вели:

„Првенствено овој медал е резултат на напорна работа и труд вложен заедно со моите клупски колеги и тренерот кој што ни ја дава неговата поддршка цело време. Затоа можам да кажам дека овој успех не е случаен“.

Давид вели дека чувството секогаш е убаво да се биде на пиедестал меѓу најдобрите.

За тоа дали можеше да се освои посјаен медал Петков вели:

„Резултатот можеше да биде и поголем, бидејќи во второто коло се сретнав со домашен, турски натпреварувач. Сметавме дека сум подобар и дека го контролирам мечот. Но, можеби требаше повеќе да ризикувам во тој меч, да не дозволам да дојде до судиска одлука која беше 3-2 во корист на Турчинот. Сепак задоволен од прикажаните борби и од овој резултат“ и додава:

„Можам да кажам дека екипната конкуренција секогаш е потешка и поинтересна, со повеќе борба, жар и компетиција од страна на натпреварувачите“.


Секако дека овој медал е поттик за поголеми успеси, како на домашната, така и а на европската и светската карате сцена.

„Овој медал ми е мотивација во иднина да продолжам да работам, да го достигнам мојот најголем потенцијал и да стигнам до најголемите дострели во карате спортот, како што се европски и светски сениорски медал“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON