Ирецот Конор Мек Грегор минатиот јули ја скрши ногата на мечот против Дастин Пориер на настанот УФЦ 264 во Лас Вегас.
Големата ѕвезда на УФЦ мораше да му го предаде мечот на Американецот, а тој заврши на операција.
Мек Грегор се уште се опоравува од повредата, но најавува и неизбежно враќање.
Во последните неколку недели често во своите изјави истакнуваше дека неговата возвратна борба ќе биде онаа за титулата во лесна категорија.
Тој дури неодамна му порача на шампионот Чарлс Оливеира, кој ја брани титулата на 6 мај против Џастин Гејџи, дека треба да биде мудар и да почека уште неколку месеци додека не се врати на борбите.
Шефот на УФЦ, Дана Вајт неодамна потврди дека Мек Грегор веднаш би можел да добие шанса да се бори за појасот, но се зависи од исходот на мечот меѓу Оливеира и Гејџи.
Ако Бразилецот остане на тронот, тогаш може сам да одлучи дали сака да ја одбрани титулата против Мек Грегор кога ќе биде подготвен да се врати.
„Ќе видиме што ќе се случи со лесната категорија кога Мек Грегор ќе реши да се врати. Доколку Оливеира остане, шампионот можеби ќе сака да се бори со Конор“, рече Дана Вајт.
„Ќе видиме, има многу можности за враќање на Конор. Најважно е неговото здравје и треба да бидеме сигурни дека неговата нога е апсолутно подготвена за сите физички напори. Но, и покрај тоа, веќе имаме планирани борби за 18-ти јуни“.