Дана Вајт и Хабиб би требало наскоро пак да се сретнат

Шефот на УФЦ, Дана Вајт, му даде уште малку време на шампионот во лесна категорија, Хабиб Нурмагомедов, за да размисли за можно враќање во октагонот. Двајцата разговараа во Абу Даби зад затворени врати кон крајот на јануари, а потоа Дана ја пренесе наводната изјава на Хабиб: „Нека направат нешто спектакуларно и нека ме натераат да се вратам“.

По настанот на УФЦ 257 на кој Дастин Пориер го победи Конор Мек Грегор, претседателот на најсилната ММА организација откри дека разговарал со дагестански борец.

„Разговарав со Хабиб и ми рече дека тој е неколку нивоа над борците кои беа во октагонот, ги победи сите и тие не се предизвик за него. Не знам дали ќе се врати, не звучеше особено позитивно“, рече Дана Вајт во тоа време.

По победата против Гејџи, Дагестанецот истакна дека и ветил на својата мајка дека повеќе нема да се бори.

„Мајка ми е највредното што ми остана. И не може да ме натераш да направам нешто што ќе ја разочара. Немам планови, ниту желба да се подготвувам за борба“, рече Хабиб Нурмагомедов.

Но, сè уште има трошка надеж кај Вајт дека Хабиб може да се убеди да се врати. Изгледа шефот на УФЦ и Дагестанецот повторно ќе се сретнат на крајот на месецот, и конечно ќе одлучат дали Хабиб ќе се врати на борбите, до оваа информација дојде новинарот Бруно Масами.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО