Збирка цртежи и слики на боксерската легенда Мухамед Али, кои ја покажуваат неговата страна на уметник, ќе биде понудена на наддавање утре, на 5 октомври, во Њујорк.
Американскиот боксер, всушност, се опуштал со цртање меѓу борбите… Од колекцијата од 24 слики, некои се во карикатурален стил и ја посочуваат окупираноста на Али со прашањата за верска и социјална правда. Некои дела го прикажуваат и самиот автор во боксерскиот ринг. Аукциската куќа „Бонамс“ очекува колекцијата да се продаде за 40.000 до 60.000 американски долари.
„Многумина се изненадени бидејќи не знаеја дека тој бил уметник. Затоа има голем интерес“, изјави Хелен Хол, директорка на одделот за поп-култура во „Бонамс“.
Поранешниот светски шампион во тешка категорија, кој го прифати исламот во 1964 година, почина во 2016 година на 74-годишна возраст, по долга битка со Паркинсоновата болест. Сликата од 1967 година „Гладни деца во Мисисипи“ прикажува човек во шорцеви што вели „Сакам да се борам за да ги нахранам сиромашните црнци“.
„Една слика е спомен од расните немири во Лос Анџелес и Њујорк во 1956 и 1967 година. Друга е посветена на исламот. Создадена е кога тој се преобрати“, вели Хол.