Чедо Саздовски: Крајно време е на каратистите да им се обезбеди минимум демократска процедура, за самите да си изберат соодветно раководство

Поранешниот селектор и генерален секретар на Карате федерацијата на Македонија, проф.д-р Чедомир Саздовски упати отворено писмо по повод случувањата во КФРСМ.

Во целост ви го пренесуваме писмото.

„Согласно актуелните случувања во каратето, јас, како човек кој повеќе од 53 години и во различни периоди, повеќе или помалку, што директно што индиректно сум присутен, пред сè, долги години како активен натпреварувач во изведба на кати и спортска борба/кумите, на стручен план како тренер, селектор и прв ВКФ интернационален судија од Македонија, со личен ангажман на организациски и општествен план, за како круна на се да дадам и свој придонес на полето на стручно-научната мисла и публицистика, чувствувам одговорност и потреба да напишам неколку збора во врска со сегашните состојби и идните случувања во каратето на домашен и меѓународен план.

Имено, од објавите на нашите врвни каратисти Сашко Арсовски, Бошко Заборски и посебно објавата во вашиот портал на почитуваниот прв македонски златен шампион од европско првенство, а во конкуренција на сите спортови од Македонија, и прв избран спортист на годината за 1993 година, реченицата подолу кај мене побуди интерес да се јавам со мое писание во кое го искажувам исклучиво мојот личен став и дека е крајно време да се расчисти со сите лажни и вештачки создадени „авторитети и самонаречени величини“ во каратето во Македонија по примерот на лицето Стојановски, некогашен претседател на КФМ (намерно пишувам „претседател“ со мали букви, а причината за тоа, тој самиот си ја знае).

Меѓу другото, првиот европски шампион Елвир Куратновиќ вели:

„Во оваа иницијатива не се вклучени уште многу карате клубови кои се надвор од системот на натпревари поради лошите услови кој ги наметнаа раководните структури“;

А јас би додал, раководните структури вклучително и актуелната раководени токму од лицето Стојановски.

И, се разбира, оваа негова констатација, како со шублер мерена е апсолутно точна.

Јас лично знам уште 15-ттина клубови (меѓу кои и клубовите кои јас ги водам (Кисела Вода и Студент) кои практикуваат карате, ама не се во КФМ, баш од причини кои ги наведува Елвир.

Браво Елвир, беше, си и остануваш шампион! Ја имаш мојата целосна поддршка.

Само за илустрација, а како пример на дискриминација, дисквалификација, поделби и слично, сакам да истакнам дека, Карате клубот Кисела Вода е еден од постарите клубови во РМ и е еден од најтрофејните за своето време во кое дејствуваше. А, по неколкугодишна пауза, пред три години клубот го пререгистриравме во Централниот регистар и побаравме повторно да бидеме активна членка на КФМ, но заради личниот анимозитет и комплекс на лицето Драган Стојановски кон мене, клубот не беше примен во членство на КФМ.

Класичен пример на предмет за Комисијата за борба против дискриминација и …!

Имено, тој, Стојановски де, и додека беше клупски каратист, се залагаше за целосна централизација или како што денес тоа се нарекува целосна диктатура во каратето, само што сега беше „претседател“, позиција добиена со лаги и измами дека „ќе финансира во каратето“. На тој начин го контролираше мнозинството клубови, а со тоа и односите во каратето.

Но, еве ја мојата прва порака до него (иако тоа не го заслужува):

„Со пари се купуваат многу работи во човековото животно битисување, ама Драгане, не се купува се“!

А како тој стана претседател!

Па првиот пат тоа се случи уште во претходниот систем или поточно кажано во 1986 година потпомогнат од страна на тогашните полициски структури, се разбира, како докажан доушник на истите, но мандатот не го заврши баш заради својата самобендисаност.

Нејсе, за тоа повеќе друг пат …

По втор пат дојде, чинам во 2007 година, со купување, од една страна и ликвидација, од друга страна на докажани и потврдени карате ликови. Со купување на поединци од одредени надлежни државни органи на раководни функции, и опстојува, чинам со векови „со помош на трикови и црна магија“, та дури „за својот придонес во каратето „беше награден со најпрестижната државна награда „8 Септември“ и тоа замислете за „животно дело“.

Со ваквиот чин и, ако оваа награда може да ја добие именуваниот (тогаш, споредете го на пример со Лазар Лечиќ, иконата и великанот на македонската кошарка и македонскиот спорт во целина. Извини Лазо легендо што овде те споменувам, ама знам дека ти нема да ми се налутиш), се плашам дека истата е целосно девалвирана и од оваа награда, неумесни и неодговорни поединци кои „одлучуваа!?“ во името на државата, (или нешто друго беше во прашање) направија папазјанија.

А за што ја добил, што постигнал, што толку аир виде каратето од него!?

Затоа што тој можеби бил врвен натпреварувач!?

Не, не беше.

Затоа што тој бил врвен тренер!?

Не, никогаш не бил тренер … или ако воопшто бил, тогаш бил „тренер во обид“.

Затоа што тој можеби бил врвен селектор!?

Не, никогаш не бил селектор.

Затоа што тој можеби бил меѓународен судија!?

Не, не беше.

Епа, тогаш за кој андрак му била доделена ваквата награда!?

Според кои критериуми, за кои и какви резултати!?

Можеби за плукање во далечина на кратки патеки!?

Можеби за тоа што бил „успешен претседател“,!?

Па ако бил, тогаш од каде ваква ерупција на незадоволство кај каратистите!?

Или пак тоа е направено врз основа на позајмени резултати, некој друг што ги создал?

Или можеби за добро платени лаги (денес тоа го викале ПИ-АР де …) делби и превари.

Ќе да е ова последново и … многу веројатно дека ќе е така.

За жал, оваа награда, која според резултатите, како каратисти натпреварувачи, тренери, селектори, судии, според мое лично убедување, би требало да му припадне на некој од плејадата директно заслужни за развојот и афирмацијата на каратето, а јас овде ќе споменам имиња само на натпреварувачи врз чии постигнати резултати се потпира и темели македонското карате, а како пример ќе издвојам одреден број од нив како што се проф.д-р Атанас Кајчевски-основач на каратето во Македонија (2-октомври-1967 год.), основач и долги години професор на Катадрата за боречки спортови на ФФК од Скопје, каде каратето се изучува како посебен предмет; Димче Кичевски-првиот шампион на поранешна Југославија од Македонија (1973), Мирче Опеловски, Јорго Огненовски, Назим Куртовиќ, Луиза Гашева … сите носители на медали од европски шампионати, врвни каратисти како што беа: Марјан Добревски, Стефчо Јакимовски, Ацо Јовановски, Властимир Јовановиќ, Емилија Ацевска, Атанас Чергарски, Ивица Алексовски, Кенан Асани, Љубомир Бранковиќ, Идриз Провалија, Димче Савевски, Гоце Атанасовски, Горан Мијовски, Бошко Заборски, браќата Лазаркови, Тони Ѓоргиев, Бурев Трајче, Тоше Ристов, Кнали Шерафедин, Александар Аврамовски, Трајче Димоски и многу други овде неспоменати од првата и втората генерација, за што се надевам дека нема да ми замерат, потоа од средната генерација каратисти како што се Елвир Куртановиќ, Зоран Пејов, Александра Величковска, Ангел Ѓоргиев, Елвир Аломеровиќ, Игор Митровски, Петар Белистојаноски, Давор Паниан, Бисерка Тушевска, Ивица Саздов, Кристијан Чешелкоски, чии резултати се постигнати во континуирано негирање на нашите репрезентативци и стручниот тим од тогашните претставници на грчката репрезентација заради името на нашата држава (а за жал, имавме и дома такви негатори) или, пак, од помладата генерација, која настапуваше во името на самостојна и независна Македонија, како што се браќата Сашко и Жарко Арсовски, Емил Павлов, Наташа Илиевска, Тамара Рибарска, Симона Тасевска, Марсиха Беговиќ, Павлина Кичевска, Петар Спасеновски, Мартин Несторовски, Поликсенија Јованоска, единствениот наш карате олимпиец, сестрите Димоски, Берат Јакупи, Иво Цветковски, Симона и Петар Заборски … и многу други неспоменати … чии резултати се темелат пред сè на работата на клупските тренери, националните селектори, врвни карате судии итн.

И види чудо, сите досега постигнати резултати во каратето, со огромен свој личен влог и труд се темелат пред сè на стручноста и работата на клупските тренери, а овој пак Стојановски, веројатно од ненадминливата негова егоистичност и самобендисаност не дозволи ниту еден тренер да биде награден, трудејќи се, ако не КФМ, ниту друга институција тоа да го направи.

Ама нејсе, тоа ќе се случи по неговото целосно дистанцирање од каратето. Каратистите имаат знаење, желба, моќ … тоа и ќе го направат.

Зарем сето ова почитувани не е директно понижување, класична спортска дискриминација, девалвација на оние што ги создаваат резултатите. А, лицето Стојановски кој не постигнал никаков резултат, без срам и образ добива и прифаќа награда за која и самиот знае дека не ја заслужува.

И затоа пак, овој, Стојановски де, (а ние паметиме побајаги од дамнина) ќе кажам дека отсекогаш беше инспиратор и главен сплеткарош или со еден збор кажано матикаша и сите кавги во каратето во последните повеќе од 12 години беа, се и сè уште траат баш заради неговата ненадминлива желба да владее, не бирајќи средства и методи и тоа од типот: потплати со пари, ако не може со пари, тогаш со функција, ако и тоа не бидува стапува метод со повеќе пари, раздели, раскарај, дискриминирај, девалвирај, внеси омраза и потоа во некој период владеј за на крајот присвој награда.

Ете, баш за се досега изнесено, овој човек, под итно треба да биде дистанциран од каратето на неодредено време … се дури не е доцна.

Еве ја и мојата лична порака до него:

Епа, непочитуван Стојановски, ти помина рокот на траење, а сè што е со поминат рок на траење … сите знаеме каде завршува (уште и ти самиот да разбереш) и чинам дека, конечно дојде крајот, каратето и каратистите да куртулат од тебе и твоите докажани манипулации со луѓе, состојби и одговорни лица за спортот во името на државата.

Почитувани карате спортисти,

Овде сакам да потенцирам дека, борбата на Елвир и сите што го поддржуваме, ја сметам и за моја борба за праведност, истата целосно ја оправдувам и искрено поддржувам, можеби доцна доаѓа, ама јас знам дека Елвир оваа борба ја води повеќе од 10 години и конечно, време е неговата борба да донесе позитивна иднина за сите кои се занимаваат со карате спортот, посебно за младите каратисти.

Само што, неразбирлива ми е улогата на актуелниот претседател Петар Белистојаноски, кој очигледно прифатил да биде реализатор на идеите и сплеткарењата на Стојановски, и како поранешен спортист и доскорешен селектор, да работи спротивно на интересот и потребите на натпреварувачите и тренерите, а со тоа и спротивно на интересите на карате спортот.

Чинам и се надевам дека, конечно, време е, државата убаво да ги отвори очите и ушите и да стави крај на ова децениско насилие, дискриминација и понижувања (кое, за жал, продолжува и затоа не го разбирам Белистојаноски) врз добар дел каратисти што беа, се и сè уште сакаат да дадат свој придонес во развојот и афирмацијата на каратето. А не се согласуваа и не се согласуваат со начинот на раководење со КФМ.

На лицата од типот на Стојановски, во иднина не треба да им се дозволи да се поигруваат со трудот и маката на тренерите, натпреварувачите и сите дејци кои искрено давале, даваат и сакаат и понатаму да даваат свој позитивен придонес за квалитетно и успешно карате во Македонија како и на меѓународен план“.

Почитувани надлежни за спортот а со тоа и за карате спортот а во името на државата Република Северна Македонија, крајно време е на каратистите да им се обезбеди минимум демократска процедура, при што тие самите да си изберат соодветно раководство, а државниот орган надлежен за спортот, во случајов Агенцијата за млади и спорт, целосно да ја поддржи иницијативата на Иницијативниот одбор за одржување на вонредна седница на Собранието на Карате федерацијата на Македонија. Со што на најлегален и легитимен начин ќе се излезе од ќорсокакот во кој се најде, а се за доброто на каратето во Македонија и младите генерации каратисти кои доаѓаат“.

(Ова отворено писмо го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Ипон.мк.)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО