Во прекрасна атмосфера вечерва се одржа прмоцијата на монографијата „Македонскиот сон: Ние сме светски шампиони“ и истоимениот документарен филм, посветени на успесите на македонските борачи од БК „Бучим-Јака“ од Радовиш, кои во 1996 година станаа први светски клупски шампиони во борење-слободен стил, што е еден од најголемите успеси на македонскиот спорт. Претходно, во 1995 година станаа и европски клупски шампиони.
Во хотелот „Александар палас“ во Скопје на промоцијата присуствуваа борачите од генерацијата која ја освои светската титула, како и бројни спортисти и личности од јавниот и политичкиот живот во Македонија.
Автори на монографијата се Ванчо Чифлиганец и Славчо Тодоров, а документарниот филм е во режија на Јани Бојаџи по сценарио на Сашко Насев, во продукција на Фондацијата „Проф. Д-р Ванчо Чифлиганец“
Објавувањето на монографијата и документарецот по повод 25 години од освојувањето на првата светска клупска шампионска титула во борење – слободен стил Боречкиот клуб „Бучим – Јака“, Радовиш – Македонија, се совпаѓа со одбележувањето 30 години од независноста на државата и 60 години од постоењето современо борење во Радовиш.
Посебно инспиративен вечерва беше творецот на шампионскиот тим, Ванчо Чифлиганец, а за сите податоци да бидат доловени и точни се погрижи Славчо Тодоров.
„Нема големи и мали држави, има луѓе со големо и мало срце. Ние борачите на Македонија го качивме нашиот камен на врвот од светот. Го задржавме таму колку што можевме. Сега тој камен треба некој повторно да го качи. На потег се младите генерации. Бидете храбри, ние ќе бидеме вашата поддршка. Ако со оваа книга и филм сум ве охрабрил да се зафатите со таа херојска работа и да ја најдете смислата за својот живот, да се искачите на врвот со свој камен, тогаш сум пресреќен. Тогаш и остварениот македонски сон на мојата генерација и на македонските генерации борачи што ја позлатија Македонија, не бил залуден. Ако можевме ние, можете вие“, порача Чифлиганец.