Тренерот на Макпетрол Бошко Заборски изразува задоволство од настапот на неговите каратисти во состав на македонската карате репрезентација на „Трофејот Македонија“ и на Шампионатот на балканските земји за кадети, јуниори и У-21кои се одржаа изминатиов викенд во Скопје, при штои освоија вкупно 16 медали и на најдобар начин ја затворија натпреварувачката 2019 година.
„Изминатиот викенд за нас беше многу напорен. Во нашите редови имавме каратисти кои за двата дена направија и по 10 борби и постигнаа забележителен успех во сениорска и во младинска конкуренција. Во двата дена нашите каратисти освоија вкупно 16 медали: 3 (три) златни , 8 (осум) сребрени и 5 (пет) бронзени медали. Тоа е податок кој укажува дека моменталниот потенцијал и квалитет на спортисти кои ги бранат боите на националната репрезентација и клубот се на високо место. Направивме многу добра контрола со комплетниот натпреварувачки погон кој ни беше на располагање. Генерално многу сме задоволни од постигнатото, бидејќи резултатите беа направени во многу силна и квалитетна конкуренција. Имаше 5 држави, но со по 4 најдобри спортисти во секоја тежинска категорија. Задоволството е поголемо, бидејќи навистина успешно ја завршуваме 2019 година“, изјави Заборски.
Да потсетиме сениорите на Макпетрол, како членови на репрезентацијата, првиот ден освоија седум медали – 1 златен, 3 сребрени и 3 бронзени на Меѓунардониот турнир за сениори во борби „Трофеј Македонија“.
Златниот медал во дисциплината борби, категорија -68 кг, го освои Ангела Мојсовска, додека со сребрени се закитија Сара Радичевска, Абдурахим Идризи и Глигор Петков, а со бронзени Петар Заборски, Петар Спасеновски и Роберто Ацковски.
Успехот е оставрен во конкуренција на каратисти од пет балкански држави: Турција, Бугарија, Албанија и Косово. За овој дел во сениорска конкуренција треба да се додаде дека Макпетрол резултатски ќе поминеше и подобро доколку во екипата беа и стандардните репрезентативци кои беа повредени Симона Заборска и Давид Петков
Вториот ден на Шампионатот на балканските земји за кадети, јуниори и У-21 во макпетролци освоија 5 медали – 2 златни, 1 сребрен и 2 бронзени во поединечна конкуренција, како и четири сребрени медали во екипна конкуренција.Златни медали освоија, Абдурахим Идризи и Глигор Петков, Роберто Ацковски – сребрен, а Стефан Стојановиќ и Даријан Ризмановски бронзени.
Сребрен медал во У-21 екипно освои Глигор Петков, кај јуниорките во женска конкуренција Марија Петровска, а Витомир Трајковски и Данило Божовиќ се зкаитија со сребра во екипна кадетска конкуренција.
Според Заборски, Карате федерацијата на Македонија, како никогаш досега имала организациска поставеност на два исклучително силни натпревари.
Ipon.mk