Македонските каратисти на штотуку завршеното Европско сениорско првенство во Гвадалахара, Шпанија, не освоија медал. Ова е повод за стручната јавност да реагира и да ги анализира причните за неуспехот.
„Со ова мое обраќање до клубовите членки на Карате федерацијата на Македонија, сакам да укажам на неправилностите нестручноста и најверојатно не посакувањето да се направи врвен спортски резултат, на последното Европско сениорско првенство од одредени структури во КФРСМ“, вели во своето обраќање најуспешниот македонски карате тренер, д-р Бошко Заборски.
Тој вели дека пред почетокот на Европското првенство испратил еден допис со кој укажал на пропустите кои се прават и дека не се исправат дел од тие пропусти, дисциплината екипно борби мажи однапред се осудува на неуспех.
„Исто така имавме и барање да се испратат повеќе судии на ова првенство и за тоа немаше никаква реакција, и тука имавме оштетувања, бидејќи нашите спортисти нема кој да ги штити. По завршувањето на првенството и по настапот на нашиот машки тим во дисциплината екипно борби кумите, поминавме за жал онака како и што претпоставував. Кои грешки ги направивме во овој дел:
Машки кумите тим
1.Тимот го испративме со 5 (пет ) спортисти, иако имаме ресурси и спортски потенцијал да составиме тим од седум спортисти многу квалитетни, кои ќе се бореа за медал на ова првенство. Тимот отпатува без ни една резерва.
2.Во тимот не беа повикани спортистите: Витомир Трајковски прв на Светска ранг-листа до 21 година, полутешка категорија, силен млад и мотивиран спортист, спортист кој во континуитет донесе три врвни спортски резултати и тоа во периодизација пред настапот на Европското првенство, (ова е непростлива грешка која е направена од страна на селекторот и ИО на КФРСМ). Потоа не се повикани Дуан Османи (европски првак во У21, квалитетен спортист и дел од екипата која беше балкански првак за сениори на последното балканско првенство. Не е повикан во тимот спортистот Мурсел Мисими, исто така одличен спортист, и тој е член на шампионскиот тим како и Глигор Петков, спортист висок скоро два метри, настапува успешно во тешка категорија. Има рачна и ножни употребливи техники. Тоа е спортист кој за екипата можеше многу да даде, со чинот на неповикување на дел од овие спортисти да бидат дел од тимот, на овој начин се ослабна екипата до таа мерка, да освојување на медал во оваа дисциплина беше неостварливо..
3.Во тимот неоправдано ставен е спортист од лесна категорија (-60 кг), и покрај тоа што посочив дека таков спортист не може и нема што да бара во екипен натпревар. Се виде дека и оваа моја констатација е точна (иако спортистот, даде се од себе, сепак не може да се очекува повеќе од неговиот настап, кога имаше за противник спортист од потешките тежински категории). За ова е крив повторно селекторот, затоа што не може по секоја цена ако спортистот е член на клубот од каде е селекторот, дури и со жртвување на тимот, тој спортист да биде дел од тимот.
4.Распоредот на спортистите кои настапија редоследно исто така беше многу погрешен. Само еден податок, во првите четворица имавме два спортиста од лесните категории, а спортистот Стефан Стојановиќ (+84 кг) (светски европски медалист со три освоени медали – европски првак, светски вице шампион и европски бронзен медалист, три пласмани на 5-то место од европско првенство се остави без настап и шанса да направиме нешто повеќе. Не може ваков спортист да се става последен, а пред него да се ставаат спортисти од лесни категории, тоа се прави само како помагање во опструирањето, саботажа и диверзија на тимот за да не биде успешен.
5.Загубивме од Италија со резултат 3-1. Ако се повикаа барем двајца од другите спортисти кои претходно ги наброив, и да се направеше добра анализа и редоследно правилно поставување, ние имавме големи шанси да ја победиме селекцијата на Италија и да се бориме за медал во подоцнежните борби“, вели Заборски.
Тој се осврна и на настапот на Женскиот кумите тим:
1.Женскиот тим имаше добар настап, направи две одлични победи во прво и второ коло. Победа со Словенија 2-0 и победа со БиХ исто така со 2-0.
2.Победите ги направија две спортистки, Ангела Мојсовска и Вероника Костовска.
3.Во третата борба која беше пресудна со селекцијата на Финска, повторно имаме селекторска грешка во составувањето на тимот. Која е грешката? Грешката е што се става спортистка која во поединечните борби загуби со резултат 9-1, од спортистка на Хрватска, односно беше длабоко поразена, психички депримирана и очигледно без потребната самодоверба за да се стави во тимот. Во најважната трета борба, таа спортистка загуби со резултат 8-0 уште пред завршувањето на борбата.
После првата минута од борбата резултатот беше 6-0 за натпреварувачката од Финска, тоа се говори за направената грешка.
4.Зошто е селекторска грешка? Бидејќи селекторот не ја стави Бојана Манева, спортистка од тешка категорија , која имаше поголеми шанси да се спротивстави и можеби да победи. Повторно селекторот воден од локал–патриотска клупска агенда, да по секоја цена во тимот има спортистка од неговиот клуб, сега овој пат оваа негова одлука, го чини тимот најмалку да бидат 5 (петто место), тоа е 15-16 000,00 евра за секоја спортистка стипендија од две години и титула на спортисти од Меѓународна категорија. А, ако станеа бронзени медалистки, сумата е многу поголема 50. 000,00 евра за секоја посебно и се зима стипендија четири години.
5.Зашто го пишувам и објаснувам овој дел, затоа што ако репрезентативката Ангела Мојсовска која во првата борба заврши нерешено 0-0, таа направеше само еден поен и победеше, тогаш тимот ќе се бореше за финале. И да изгубеше, ќе се бореше за бронзен медал, а петто место тимот имаше секако. Еден поен женската екипа ја делеше од одличен настап, кој повторно поради селекторска грешка во составувањето на тимот, не се оствари.
Бошко Заборски извлекува заклучок дека од изведените констатации јасно станува дека машкиот тим е намерно опструиран со цел да не се постигне успех.
„Одредени мрачни сили во КФРСМ, очигледно е дека не сакаат успех во дисциплините кумите екипно за мажи и за жени“, констатира Заборски и нагласува:
„Јас напишав порано дека со години систематски се опструираше женскиот тим, кој еднаш беше петтопласиран на европско првенство. Откако го направи успехот, тој тим никогаш повеќе не доби шанса да настапи во истиот состав. Сега повторно се ослабнува и систематски се уништува и машкиот тим. Се прашувам докога ќе исполнувате желби на поединци кои очигледно Ве насочуваат на погрешниот пат. Карате клубот Макпетрол за Витомир Трајковски ви понуди и сами да платат се за него, само тимот да биде засилен, но Вие немате храброст и слух, а очигледно се однесувате (петтоколонашки) или предавнички со функциите кои ги имате со сениорскиот тим“.
Понатму во заклучокот Заборски истакнува:
„Нашите светски и европски судии останаа дома, сите тие судеа на клупски турнири со нивните тешко стекнати признанија и лиценци, додека нашите сениори беа на најважното годишно првенство. Зашто ги создававме овие бројни судии, ако не се вклучени во системот на тимската работа, за федерацијата да има поголема успешност. Нашите судии пријатели од балканските простори уште еднаш ни покажаа како се борат за нивните федерации и држави. Кога е медалот во прашање секој си го гледа само својот интерес, каде сме тука ние?!
Овие податоци зборуваат, дека некои структури во КФРСМ, не сакаат да имаме добра поставеност на работите. Ние во моментов, оставени сме секој сам за себе, односно немаме никаква тактика и стратегија, план и програм за работа. Не се осмислува систематска и стручна работа со селекциите, и се е оставено на самостојната работа на клубовите и тренерите.
Се поставува и наметнува прашањето: До кога помалку успешни тренери ќе ги водат нашите најдобри селекции? Не е никакво оправдување да станеш селектор само затоа што си потчинет, управуван марионетски и поданички поставен. Срамно е да бидеш селектор без свое јас, селектор кој не може да побара засилување на тимот и со тоа да прави непоправливи штети. Штети се направија, прво на спортистите кои се одрекуваат од многу работи и се жртви за да успеат во спортот, а потоа ги оштетува поради неуспехот и нестручно водење на селекцијата клубовите, тренерите и КФРСМ“.
(Овој став го изразува личното мислење на авторoт и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Ипон.мк.)