Интервју во кое разговараме со селекторот на Универзитетската карате репрезентација на Македонија д-р Бошко Заборски, со комплетна фактографија презентираме како еден сериозен спортски тренер и селектор, работел скоро 30 години и за тој период на кратко ќе ви ги објавиме постигнувањата кои овој селектор успеал да постигне со официјалниот и универзитетскиот карате тим на Македонија.
Објавувањето на резултатите и постигнувањата ќе биде повеќекратно корисна затоа што со системското статистичко обработување на сите резултати, спортската јавност ќе осознае првенствено, кои тренери и клубови најмногу придонеле за врвниот и правилен развој и афирмација на македонскиот карате спорт за целиот овој временски период од осамостојувањето до денес. Бидејќи резултатите ги постигнуваа истите спортисти.
Имено во прецизно изработен табеларен приказ, кој се однесува за сите универзитетски првенства, на кои што настапиле македонските универзитетски
репрезентативци, од осамостојувањето до денес, објавуваме дека вкупно се освоени 58 (педесет и осум) медали, од кои 13 се златни, 20 сребрени и 25 бронзени.
Табела Бр. 1 Освоени медали групирани во три групи на универзитетски првенства, односно по тежината и силината на натпреварите, први се Светските универзитетски првенства, Европските универзијади и на крај Европските универзитетски првенства. Во Табелата дадени се бројот на освоени медали збирно од сите натпревари и на крај е вкупниот број на освоени медали.
На сите овие универзитетски првенства, Вие бевте селектор и тренер на универзитетската репрезентација на Македонија. Може ли да ни
кажете од кога ја водите универзитетската карате репрезентација на Македонија?
-Јас ја водам Универзитетската македонска карате репрезентација од 2004 година и до денеска со спортистите кои беа мои избраници заедно ги направивме и донесовме најголемите остварувања и успеси во машка и во женска конкуренција. Јас сум Универзитетски селектор и на двете дисциплини односно дисциплина борби и кати, но не сум тренер на дисциплината кати, и за неа се задолжени секогаш други тренери, јас го селектирав и организирав ката тимот кој на Светското првенство на универзитетите во Вроцлав, Полска, успеа да го освои златниот медал. Сите останати почести и признанија во делот на кати и освоените медали се само на тренерите во дисциплината кати.
Кога ќе се навратиме наназад во временскиот период, пред точно дваесет години некако истовремено започна подемот, резултатите и будењето за македонското карате кое беше разнишано и сонливо. Впрочем, започнаа да се надополнуваат резултатите кои ги постигавме и на официјалните и на универзитетските првенства. Бидејќи репрезентацијата скоро секогаш беше истата, затоа што сите тие во најголем број се и студенти. Сакам да споменам дека до моето преземање на селекторската функција Македонија немаше освоено сениорски медали од официјални европски и светски првенства. Се зафативме за работа, имав голем предизвик и со програмата за работа која ја воведов, почнавме плански со систематска континуирана и макотрпна работа. По неполни две години ги освоивме првите сениорски медали од официјални европски првенства. Прво освоивме медали на Светските универзитетски првенства, веднаш потоа истите спортисти започнаа да освојуваат медали и на официјалните репрезентативни настапи на европските и светските првенства.
Што се однесува до Универзитетскиот карате спорт, многу години ВКФ – Светската карате федерација, во ранг листата на бодирање на официјалната светска бодовна листа, со ист број на бодови ги наградуваше освоените медали од Светско официјално првенство и од Светско универзитетско првенство, така да нашите спортисти стекнуваа искуство и самодоверба со овие настапи и репрезентацијата стана препознатлива и успешна.
Вие како тренер имате најголем број на освоени медали од официјални европски и светски натпревари или вкупно 22 медали, сега и со објавувањето на оваа ранг-табела, која за прв пат излегува во јавноста, Вие повторно сте на првата позиција, но овој пат со многу поголеми остварувања и успеси.
Како тренер со своите клупски спортисти сте успеале да освоите вкупно 62 (шеесет и две) медали, ако се додадат и оние 22 од официјалните европски и светски првенства, тогаш бројката на остварени спортски успеси и освоени медали е навистина импозантна, таа е 84 (осумдесет и четири) освоени медали. За да не дојде до забуна, сега бројот на освоени медали е повисок, бидејќи екипите биле составени од спортисти членови на КК Макпетрол. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за оваа меѓусебна поврзаност и корелација на освоените медали, од сите натпревари на кои учествувате?
-Бројката на сите освоени медали од овој вид на натпревари е таа, меѓутоа по тежината сепак би ги издвоиле Светските универзитетски медали кои се најблиску до официјалните постигнувања, ако ги додадеме и собереме сите заедно односно освоени 17 медали од Светски универзитетски првенства и 22 медали од официјалните првенства тогаш бројката е точно 39 медали, кои се рангираат како врвни спортски успеси.
Поради просторот кој го имаме за ова интервју, овој пат ќе се задржам само на два вида натпревари, тоа се официјали светски и европски првенства, и оние за кои сега пишуваме тоа се универзитетските светски првенства и европски летни универзијади и европски универзитетски првенства. Тоа што е најважно за Македонските каратисти е следното:
„Медалите од Светските универзитетски првенства, исто како што ги бодуваше и рангираше и светската карате федерација, и по нашиот Закон за спорт, за секој освоен медал од светско универзитетско првенство, спортистот од АМС (Агенција за млади и спорт), добива титула од највисока вредност а тоа е „спортист од светска категорија на Р. Македонија“, со добивањето на титулата се добива и четиригодишна стипендија со висина од 50.000 евра за спортистот кој освоил медал“.
„Овој податок го кажувам од следната причина, ако КФРСМ (Карате федерацијата на РС Македонија) во досегашната историја од скоро 60 години, има 14 спортисти со титула од светска категорија, рангирани како такви од АМС (Агенцијата за млади и спорт), јас можам да кажам дека и Универзитетската федерација на Македонија има скоро иста бројка спортисти, поточно 13 стипендисти кои државата им даде признание на спортисти од светска категорија и ги награди. Со овој податок јас како селектор, Универзитетската федерација на Македонија и нашиот главен спонзор, првенствено компанијата Макпетрол за цело време, а на почетокот и компанијата Макстил, создадовме услови овие спортисти да останат временски
подолго да се натпреваруваат и да освојуваат медали. Со самото тоа и КФРСМ стана една од најуспешните спортски федерации а каратето стана спорт број 1 (еден) во Државата”.
Вие како тренер и селектор, сте работеле и сте постигнале врвни спортски резултати со сите македонски каратисти кои се носители на титула од меѓународна и светска категорија на Македонија. По број на освоени медали, исто како и во Универзитетскиот спорт, Вие од официјалните светски и европски првенства имате најголем број на освоени медали, бројот на медалите и кој тренер колку медали освоил, ставени се во следната табела број 3.
-Тоа е точно, работев со сите македонски врвни спортисти, голем број од спортистите дури 16 (шеснаесет) се со титула светска категорија и 10
(десет) спортисти од меѓународна категорија и тоа скоро сите се членови на мојот матичен клуб Макпетрол, некои од спортистите земале и по две и три медали и стипендии. Ако ги наброиме тоа се следниве спортисти со европски и светски медали: Петар Заборски, Илиевска Наташа, Симона Заборска, Сара Радичевска, Петар Спасеновски, Жарко Арсовски, Моника Пендаровска, Адурахим Идризи, Спасе Илиевски, Роберто Ацковски, Ангела Мојсовска, Глигор и Давид Петкови, Симон Антиќ, Стефан Стојановиќ, Витомир Трајовски и други. Како селектор сум учествувал во освојување на медали со Иво Цветковски, Ардита Исени, Огнен Груевски, Сашко Арсовски. Овие спортисти освоија медали од европски и светски натпревари, додека, пак, со Берат Јакупи, Емил Павлов, Мартин Несторовски имаме освоено медали и стипендии од универзитетските првенства.
Просторот е премал да со еден објавен текст ги објавиме и другите резултати и признанија, а тоа се медали кои се освоени од повеќегодишно учество на Златната карате лига, подоцна Светската премиер лига, турнирите од Серии А, настапи на светските купови, на медитерански, балкански и интернационални силни натпревари. Дури потоа се резултатите од учествата од Државните првенства, меѓутоа тие остварувања ќе ги презентираме во следното продолжение за да се добие комплетна слика на сите постигнувања. Секој освоен медал има своја тежина и сјај без разлика на кои натпревари е остварен.
ОСВОЈУВАЧИ НА ЕВРОПСКИ И СВЕТСКИ УНИВЕРЗИТЕТСКИ МЕДАЛИ ОД
ОСАМОСТОЈУВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА ДО ДЕНЕС 2023 ГОДИНА