Бошко Заборски не прифаќа наметнат поданички однос за најдобрите клубови и тренери во Македонија

Случувањата во Карате федерацијата на РС Македонија секојдневно се интензивираат и навлегуваат во сериозна фаза на конфликт. Имено, федерацијата веќе е поделена на два дела. Во врска со тие случувања во нашата редакција стигна отворено обраќање кое е испратено и директно до почесниот претседател Драган Стојановски, од страна на Бошко Заборски, членна Извршниот одбор на Карате федерацијата и тренер на КК Макпетрол.

„Почесен Претседател на КФРСМ, се одлучив да ви се обратам со допис, бидејќи добивме известување од поголем број на клубови и тренери од терен, дека директно сте почнале да се мешате, закажувате состаноци и активно агитирате на состаноци со клубовите и тренерите низ Македонија и дека сакате да ја одбраните политиката која ја води новото раководство во КФРСМ.

Изненаден сум од ова ваше директно вклучување и отворено подржување и бранење на неспособноста на моменталното раководство да се справи со секојдневните проблеми кои ги носи раководењето со еден ваков систем каков што е КФРСМ: Вие имате 73 години во длабока старост навлегувате, имавте доверба од три мандати по 4 (четири), години каде бевте на чело на федерацијата, потоа продолживте со владеење и предложивте да се избере Горан Милковски за претседател и еве сега го предложивте и актуелниов претседател и тој беше избран. Дали сметате дека тоа не е доволно?  Сите се прашуваме зашто се уште сакате да владеете од сенка со Федерацијата?!

Сега, со вашето активно вклучување потпомагање и агитирање, Вие поддржувате еден насилен обид спроведен од актуелното раководство до клубовите во КФРСМ, а тоа е сите ние да бидеме принудени да прифатиме насилно наметнат ПОДАНИЧКИ однос кон актуелното раководство. И, ако ние, клубовите и тренерите не го прифатиме овој наметнат авторитет на новата власт, во тој случај таквата наша реакција ќе се смета за отпор, и потоа насилнички и реваншистички ќе се применуваат мерки за казнување и за присилување на спортистите клубовите и тренерите,  тие овластувања веќе се ставени во Правилникот.

Работата е очигледна и станува многу јасно што сакаат тие (раководството), да се постигне, со прифаќањето на некои Одлуки кои се апсолутно спротивни со ВИТАЛНИТЕ и ЕЛЕМЕНТАРНИТЕ интереси на поголемиот број на клубови и тренери кои се чинители во КФРСМ.

Сега многу брзо, се очекува да дојде до ескалација на започнатата поделба и раздор во федерацијата, која веќе е поделена на два дела.

Оваа ситуација е ДЕФАКТО, вршење на еден голем притисок на сите тренери клубови и спортисти да прифатат да бидат робови и поданици на новото раководство .во КФРСМ. Мислам дека сето тоа придонесува да имаме една сериозна ситуација, и дека се работи за еден вид на перфиден обид за пронаоѓање на начин на комплетно контролирање, управување и раководење со сите ресурси во КФРСМ.

Треба да разберете дека искусните тренери, немаат доверба и најмалку веруваат во тоа дека чесно ќе се работи, затоа станаа и гласно проговорија после 17 години на ваше владеење со федерацијата. Донесување на нови правилници беше само капка во преполната чаша. Бројот на неодржливи одлуки и акти и хаосот кој се прави секојдневно, стануваат се побројни и со тоа само се продлабочува кризата во КФРСМ.

Ставовите на актуелниот Претседател на КФРСМ, се многу јасни, тие се засновани и претежно поведени само од личен интерес, раководени од моментални одлуки и решенија кои се секогаш потпомогнати од влијанието кое тој го трпи од неговиот ментор кој секојдневно го советува како да постапува.

Постојаните обиди да се манипулираат тренерите и клубовите, тој ја прифаќа како игра на секојдневието и наместо да мисли како да ја подготвиме селекцијата пред Светско првенство, тој и раководството се занимаваат со други работи со приоритетна крајна цел, како да се направи поголемиот дел од членството да има поданички однос кон него и кон актуелната власт.

Ние, поголемиот број од незадоволните клубови, сме потполно свесни за ситуацијата во која се наоѓаме, и затоа ќе бидеме подготвени и да одговориме на адекватен начин кога за тоа ќе дојде време.

Кој начин ќе биде преземен, во голема мерка зависи од моменталното раководство, бидејќи клубовите се транспарентни и отворено го изнесуваат своето незадоволство. Притоа, тие кажуваат дека незадоволството не е само од Правилникот, причините за масовна реакција и изразено незадоволство од страна на тренерите и клубовите, е од начинот како се води федерацијата“, пишува д-р сц. Бошко Заборски.

(Ова отворено писмо го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Ипон.мк.)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО