На 29 декември Борче Ивановски од Делечево ќе се бори за европската титула на СПФ во К-1 во категоријата до 83 килограми на настанот во Фезирај (Урошевац), Косово. Ивановски ќе се бори против Гезим Селмани.
„Досега имам пет борби, а за противникот знам дека е доста добар борец и дека тренира во Германија. Публиката во Македонија може да очекува пред се интересен меч, а јас ќе кажам подобриот нека победи“, вели Борче Ивановски кој досега има пет борби во Косово, но и настапи на три Светски и две Европски првенства, на неколку Балкански првенства на кои има освоено три сребра и една бронза, и еден сребрен медал на азиско првенство во категоријата до 75 кг. Покрај тоа, настапил и на неколку светски купови.
Ивановски има 32 професионални борби во кик бокс, 5 во бокс и 2 во ММА.
31- годишниот Ивановски кик бокс почнува да тренира на 15-годишна возраст.
„Бев активен член на репрезентација до 2013 година. Последната борба ми беше во ММА во 2014-та, а поради повреда направив поголема пауза“, истакнува Ивановски.
Борче е брат на македонскиот кик бокс репрезентативец Мики Ивановски кој во 2015 година освои бронзен медал на Европското првенствио за сениори.
„Живеам во Делчево и тренирам заедно со брат ми Мики, а, бидејќи тој долго време е во кик боксот, разменуваме искуства во тренинзите. Гледам да вметнувам нешто ново и секој нов тренинг да биде различен од претходниот“, објаснува Ивановски.
Според него,во овој момент е тешко да се дефинира целта, но како и секој спортист вели дека сака да го победи противникот и да ја освои титулата.
Ipon.mk/В.Д.