Борачите на прием во АСМ, Дарко Каевски: Борењето мора да се врати на патеките од минатото!

 

Елмедин Сејфулаху, Минир Реџепи и Рамадан Мустафовски по освојувањето на медалите на Балканското првенство за јуниори во Турција денеска имаа прием кај директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.

Директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски им честиташе на репрезентативците во борење и додаде дека АМС целосно ќе ги поддржува настапите на македонските претставници во борење на сите меѓународни настапи од причина што борењето мора да се врати на патеките од минатото кога овој спорт беше еден од најтрофејните во Македонија.

„Денеска сме тука за да ги пречекаме нашите јуниори кои се враќаат од Балканското првенство во борење кое се одржа во Бурса, Република Турција. Имено, нашите најмлади борачи се враќаат со освоени 3 медали, две сребрени медали и еден бронзен медал. Упатувам честитки до добитниците на медалите, но и до сите учесници кои ја претставуваа Македонија на овој шампионат. Исто така, во Словенија на Балканско Првенство заминуваат нашите пионери и кадети во борење. Агенцијата за млади и спорт целосно ги поддржува овие настани, од финансиски аспект и нашата намера е и во иднина да инвестираме во овој спорт во кој имаме значајни успеси. Уште еднаш, сакам да им честитам на нашите јуниори во борење, а на пионерите и кадетите да им посакам среќа и успех во Словенија“, изјави Каевски.

Претседателот на Федерацијата за боречки спортови на Македонија, Бетим Вренези, изрази големо задовоство од неодамна завршеното Балканско првенство и од освоените медали, од кои два сребрени и еден бронзен.

„Елмедин Сејфулхау е голема боречка надеж во Македонија и Минир Реџепи освоија сребрени медали, додека пак Рамадан Мустафовски се закити со бронза. Успехот е далеку поголем ако се земе фактот дека конкуренцијата беше огромна, особено ако треба да се победат спортисти од земјите каде борењето е традиција, како Турција, Бугарија, Романија. Упатувам огромна благодарност до Агенцијата за млади и спорт за поддршката кон јуниорите, но и за целосно покривање за подготовките и претстојниот настап на пионерите и кадетите на Балканското првенство кое од 03 до 05 ноември ќе се одржи во Словенија. Македонската репрезентација ќе настапи со 17 натпреварувачи од кои две девојчиња, а од ова натпреварување се очекува уште поголем успех“, изјави Вренези.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON