Боксот и кревање товар засега нема гаранција дека ќе бидат дел од Олимпијадата во Лос Анџелес

Меѓународниот Олимписки Комитет денеска потврди 24 олимписки спортови предвидени за летната Олимпијада во Лос Анџелес во 2028 година, потврдувајќи го вклучувањето на сурфањето, скејтбордингот и спортското качување на овој масовен спортски настан.

Трите спорта имаат голема популарност во Калифорнија, сојузната американска држава која ќе биде домаќин на Олимпијадата по шест години, па затоа и ќе останат на програмата откако дебитираа минатата година во Токио.

Неочекувано, боксот и кревање товар се два спорта за кои засега нема гаранција дека ќе бидат дел од Олимпијадата во Лос Анџелес, а во ова друштво е и модерниот петобој.

Извршниот комитет на Меѓународниот Олимписки Комитет побара од одговорните во овие спортови да ги спроведат бараните реформи доколку сакаат да останат дел од олимпиското семејство.

Следната 2023 година, комитетот повторно ќе ја разгледа ситуацијата, пред да биде затворен списокот на спортови за кои организаторите во Ел-Еј ќе треба да подготват соодветни услови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО