На 18 декември по втор пат ќе се одржи Меѓународниот боксерски турнир „Јордан Мијалков“ во Штип во организација на БК Пинк Пантер. На турнирот ќе настапат боксери од девет земји како: Германија, Бугарија, Косово, Украина, Албанија, Србија, Италија, Босна и Херцеговина и Македонија.
Натпреварите ќе почнат во 17 часот во Спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип.
Од македонските боксери ќе настапат повеќето државни шампиони од Државното првенство што викендов се одржа во Битола, како: Гоце Јанески, Никола Арсов, Александар Димовски – Димса, Илчо Јоноски и Јове Петровски. По година ипол пауза се варќа најперспективниот репрезентативец Мартин Алексов, кој воедно ќе биде и шлагер на вечерта.
Домаќините на турнирот токму од него и од Гоце очекуваат најмногу. Други боксери кои ќа настапат се Љулзим Исмаили, како и помладите Јасмин Мифтар, Александар Ристовски, Шпен Гафури и Роберто Ристовски во полутешка.
Турнирот ќе има интересни мечеви, затоа што на програмате се околу 15 борби, од кои две ќе бидат финалните борби од Државното првенство што се одржа во Битола.
Од странките боксери најзвучни имиња се српските репрезентативци Костиќ, Стошиќ и Митиќ.
Специјални гости на „Јордан Мијалков“ ќе бидат нашите асови Аце Русевски, Вели Мумин, Омер и Џемаил Демиров.
„Мисијата како најголеми боксерски работници во Македонија не застанува овде. Покрај освојувањето на секој можен трофеј, БК Пинк Пантер не ги заборава и најзаслужните „татковци“ на боксот во нашата земја. Во улога на основоположник, во чест на можеби најголемиот боксерски работник кој никогаш не добил ни најмало внимание од боксерските работници во БФМ(Боксерска федерација на Македонија), го формираше првиот меѓународен меморијален турнир”Јордан Мијалков”. Мијалков е првиот претседател на БСМ (Боксерскиот сојуз на Македонија), нашиот сограѓанин кој е директен член во УО на БСЈ, дел од управата на БК Вардар, и човек кој е татко и доајен на боксот во нашиот град! Заслужен и за тоа Македонија што има свои боксерски судии во редовите на АИБА (Аматерската интернационална боксерска асоцијација). Долга е листата кога треба се да набројуваме,а ред е имево да добие и една благодарност за сево ова“, напишаа пред две години од БК Пинк Пантер по повод организирањето на меморијалниот турнир „Јордан Мијалков“, со кого напрваија вистински боксерски настан во градот под Исарот.
Ipon.mk/В.Д.