Додека македонската Влада ги организира јавните повици за чартер летови со кои треба да се пренесат македонските граѓани кои се заглавени во европските држави, бокс репрезентивците Гоце Јанески и Јасин Лама се уште се во Лондон, каде што учествуваа квалификацискиот турнир за ЛОИ во Токио.
Не можеа да се вратат во Македонија поради затворените граници во Европа како последица на коронавирусот..
„Боксерите и понатаму се во Лондон, згрижени се во хотел, не се во карантин бидејќи не се заразени и нема потреба, немале никаков контакт со Хрватите кои престојувале во сосема друг хотел за време на турнирот. Јанески и Лама се во очекување Владата да организира хуманитарен лет од Лондон за да се вратат во земјата, во моментов нема друга опција како да ги вратиме“, велат од Боксерската федерација на Македонија која имаше два обиди да ги врати дома.
Хрватската боксерска делегација се врати од Лондон со симптоми на коронавирус, а Тони Филипи е првиот хрватски спортист заразен со Ковид-19.
Поради сето ова по пристигнувањето во нашата земја Јанески и Лама ќе заминат во задолжителен 14-дневен карантин.