Во Штип малку се води сметка за женскиот спорт. Се разбира, има исклучоци, пред се во карате клубовите, пингпонгарските и ОК Студент. Две каратистки, беа и меѓу најдобрите во Штип за ланската година. Тоа се Бојана Манева и Јована Георгива. Првата е од КК Штип, втората од КК Македонка.
Кога се зборува за КК Штип, треба да споменеме дека од него доаѓаат и најдобрите спортисти. Емил Павлов е најдобар спортист на Штип две години по ред, беше прв во Европа, трет на првите европски ЛОИ во Баку. Најдобри во младинска и пионерска конкуренција во Штип се членовите на овој клуб, Бојана Манева и Григор Аџикимов, додека во кадетска Мартин Стојанов, борач. Најдобар тренер е Жарко Арсовски од КК Штип, заедно со својот брат Сашко работи во клубот.
Преку портретот на Бојана Манева сакаме да го афирмираме женскиот спорт во Штип.Таа го освои првото место на ранг листата на најдобрите во младинска конкуренција во Штип за 2015 година. И не случајно беше најдобра.
Бојана Манева на Балканското првенство во Дубровник го освои третото место. Загуби само една средба. Треба да се потсети дека во последните години каратето во целиот свет е во експанзија. Затоа, резултатите на штипските и македонски каратисти заслужуваат посебно внимание.
„Уште како дете го засакав каратето. Имав голема поддршка од родителите, кои секогаш беа со мене. Ме стимулираа и храбреа во најтешките моменти. Затоа, им благодарам. Во КК Штип одлично сум примена. Моите тренери Жарко и Сашко Арсовски и најдобриот македонски каратист, Емил Павлов секогаш се коректни кон мене. Со нивна помош стигнав и до овие резултати“, вели Бојана Манева, која е вљубена во овој спорт.
Бојана Манева е задоволна од досегашните успеси.
„Не се жалам- имам време за се. И за тренирање и за излегување на прошетки со моите другарки и пријатели. И за учење. Лани го постигнав најголемиот успех. Мојата континуирана работа ми го донесе третото место на Балканијадата. Тоа ми овозможи за првпат да учествувам на ЕП за млади во Лимасол, Кипар. За жал, не успеав да се пробијам меѓу најдобрите. Загубив од искусната каратистка од БиХ со 2-0. За моја несреќа, мојата противничка загуби во полуфиналето. Доколку се пласираше во финалето, тогаш и јас можев да се најдам во репасажот и да се борам и за бронзен медал. Упорна сум , не се разочарувам. Годинава учествував и на сениорското државно првенство на Македонија. Иако првпат учествував како сениорка, го освоив бронзениот медал. И во посилна конкуренција ќе се обидам да ги потврдам квалитетите“, додава Бојана Манева, која на 27 и 28 февруари ќе учествува и на Балканското сениорско првенство во Истанбул, Турција.
Каратето е убав спорт, вели Бојана. Девојките се повеќе ги привлекува.
„Овој спорт ми помага во секојдневниот живот, пред се во концентрацијата, во учењето. Ќе продолжам и натаму сериозно да тренирам. Моја желба е пак да се појавам на некое врвно натпреврување. Во 2020 година во Токио ќе се одржат ЛОИ. Можно е и каратето да стане составен дел на олимпиското семејство. Сон на секој спортист е да учествува на ЛОИ. Зошто и јас така да не размислувам. Ги прифаќам сите предизвици и со работа се може да се постигне“, заклучи Манева.
ЛИЧНА КАРТА
Родена на 24. 04. 1997 година
Хороскоп –Бик
Карате почна да тренира на 7 години. Најголем успех 3 место на Балканско првенство и 5 пласирана на Медитеранското првенство 2011 година.Прогласена за најуспешна каратистка на Македонија за 2015 година во категорија-јуниорки до 21 година.
Прв тренер- Кирчо Патраклиев, сегашен Сашко и Жарко Арсовски
Студентка на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип
Ipon.mk/K. M.