Тајсон Фјури најверојатно ќе ја брани ВБЦ титулата на 23 април на стадионот Вембли против предизвикувачот Дилијан Вајт.
Но, промоторот на Фјури, Боб Арум, тврди дека Вајт бара повеќе пари за активно да ја промовира нивната борба, па тој и неговиот тим го одложуваат потпишувањето на договорот.
Тимовите на почетокот не можеа да се договорат за условите, па ВБЦ реши да ја прифати понудата од вториот промотер на Фјури, Френк Ворен, кој понуди најголема сума во боксерската историја.
Фјури и Вајт ќе поделат хонорар од 41 милион долари.
Предизвикувачот е незадоволен од одлуката на ВБЦ да поделат 80-20 во корист на шампионот. Вајт ќе заработи најмалку 7,4 милиони долари откако ќе му бидат одземени десет проценти.
„Тој изјави дека сака дополнителен хонорар за учество на промоцијата, а ние не сакаме да му го дадеме. Ако борбата успее и донесе профит, тогаш ќе можеме да го споделиме вишокот“, рече Боб Арум и додаде:
„Но, нема да се доведеме во ситуација некој да ни поставува услови и да ни се заканува дека нема да учествува во промовирање на мечот. Ако не, тогаш е будала. Со учеството во него, тој го гради својот имиџ и кариера, без разлика дали на крајот ќе загуби. Не разбирам зошто не би сакал да бидам дел од тоа во пресрет на голема борба“.
Арум потврди дека му испратиле на Вајт договор кој не му гарантира дополнителна заработка. Тој очекува да го потпише договорот пред крајниот рок на ВБЦ, 21 февруари. Промоцијата на средбата ќе започне без предизвикувач.