Борбата меѓу Британецот Тајсон Фјури и Украинецот Олександар Усик за обединување на сите титули во тешка категорија во боксот е се поблиску до конечен договор. Промоторот на Фјури, Боб Арум, изјави за „Скај Спортс“ дека Фјури и Усик не сакаат да се борат со некој друг додека не се сретнат меѓу себе. –
-Двајцата се согласија следниот пат да се борат еден со друг. Фјури и Усик се двајца возрасни мажи, нема многу тензија со нив. Усик ми е добар пријател, тој е многу интелигентен, а Тајсон е Супермен, и како спортист и како интелектуалец. И двајцата ја сакаат таа борба така не треба да има многу заобиколувања. Треба да можеме да го решиме тоа. Уверен сум во тоа. Како што реков, и двајцата сакаат да се борат меѓу себе без никакви борби со други пред тоа, рече Арум.
Арум најави дека борбата ќе се одржи во првите четири месеци од 2023 година, а за локацијата се преговара. Во конкуренција се Обединетото Кралство и земјите од Блискиот Исток. Постои можност и борбата да се одигра на Вембли пред 95 илјади гледачи.
Претходно Хрватот, Филип Хрговиќ со победата против Жилеј Жанг, стана задолжителен предизвикувач за појасот на ИБФ, кој моментално го држи Усик. Сепак, тешко беше да се поверува дека Хрговиќ прв ќе се бори со Украинецот.
Така, се чини, за прв пат од 1999 година ќе ја видиме борбата за обединување на појасите. Тогаш Ленокс Луис го победи Ивандер Холифилд. Фјури моментално го држи ВБЦ појасот, додека Усик е шампион на ВБА, ИБФ, ВБО, ИБО. Последната борба Британецот ја одработи на 3 декември, кога го победи Дерек Чисора, а Украинецот на 20 август по вторпат го победи Ентони Џошуа.