Благој Донев: За 2-3 години да создадеме база за сениорска и јуниорска репрезентација за подолг период!

M

Боксот годинава бележи поголема активност од кога и да е, а и со многу работи кои по прв пат се прават. Преостанатите две кола од Првата и Младинската лига на Македонија со завршениот Златен гонг ќе ја заокружат оваа сезона, како двата настапи на Пинк Пантер во Регионалната лига.

Потпретседателот на Боксерската федерација на Македонија (БФМ), Благој Донев, кој доаѓа од редовите на БК Баргала, зборува за се она што е направено, но и за она што треба да следи.

„Оваа година,по неколку години неактивност, конечно, благодарејки на средствата кои ги добивме од Агенцијата за млади и спорт (АМС), а врз база на поднесени програми и проекти за периодот 2017-2020 година, успеавме да излеземе од маѓепсаниот круг на судски пресуди, заостанати долгови, блокади на сметка, неисплатени плати и друго што не дозволуваше никаква активност, и боксот буквално беше во нокдаун“,  истакнува Донев.

Новото раководство ,претседателот и Управниот одбор, вели потпретседателот на БФМ, сериозно се нафатиле да го покренат боксот од летаргијата и безнадежноста која ги зафатила боксерските работници.
„На состаноците кои се одржуваа, речиси секојдневно, беше направен првичен план за покренување на клубовите, боксерите и тренерите. Се донесоа одлуки за одрзување на екипно првенство во бокс по турнирски систем од осум кола, се набави најнеопходната опрема, се обезбеди превоз за сите клубови, ручек за сите натпреварувачи во секое коло, симболични награди за сите кои боксираа и уште многу други мерки кои придонесоа од коло во коло бројот на учесници да се зголемува. Квалитетот беше на завидно ниво и публиката полека се враќаше на трибините“, потенцира Благој Донев и објаснува дека натпреварите се одржуваа во сениорска и младинска конкуренција во исто време и дека резултатите се бодуваа по возраст на посебни табели. Досега се одржани шест кола од Екипното првенство.


Донев вели дека БФМ застанала и зад Регионалната лига каде што учествува тимот на Пинк Пантер од Штип, кој потпомогнат од сите клубови кои може да дадат сениори, со цел за што повеќе борби и стекнување на искуства на нашите боксери.
Тој наведува дека по повод одрзувањето на Златниот гонг Управниот одбор донел одлука за заеднички подготовки на боксерите од Македонија и Србија под стручен надзор на селекторите и тренерите на двете репрезентации, со обезбедена врвна лекарска контрола, а со цел за што подобро презентирање на нашиот бокс. Подготовките траеја дваесетина дена со неколку контролни учества на меѓународни турнири и меѓусебни спаринзи, а како резултат на тоа се добрите борби и на двете репрезентации на овогодишниот Златен гонг.
„Што се однесува до самите резултати на Златниот гонг, се забележа дека нашите боксери на техничко-тактички и кондиционен план беа на високо ниво, но долгото отсуство од меѓународната сцена и немањето мечеви си го направија своето. Нашите репрезентативци имаа само по еден настап и во полуфиналето ниеден наш боксер не се пласира за финалните борби, а оние што настапија директно во финалето поради неискуство ги изгубија мечевите. Од она што можеше да се види, сите земји од регионот ги мачат истите проблеми со смени на генерации, неискуство, неучество на посилни турнири, но, од друга страна, забележително е дека кај сите земји учеснички има интерес за продлабочување на соработката на секаков план поврзан со боксот  и инвестирање во младите возрасти кои со систематска и макотрпна работа на боксерските работници можат да го повратат сјајот на боксот од овие простори“, заклучува Донев.


По сето ова следи и она: Како понатаму? Како до резлутати?
„Управниот одбор и сите боксерски работници во наредниот период треба да се насочат на омасовување на боксот преку соработка со Факултетот за физичка култура, со наставниците во основните и средните училишта, каде што на часовите ќе се насочуваат талентирани ученици за бокс. Потоа преку тренажен процес соодветен за возраста ќе се селектираат надежните кадети и јуниори по клубовите, ќе се формираат како спортисти и лицности, па се до учества на државни, меѓународни и светски натпревари. За да се оствари сето ова, БФМ планира и веќе е формиран Центар за едукација, обука и лиценцирање на стручно-тренерски работи во боксот под раководство на проф. доктор Војо Настевски и во соработка со ФФК, чија цел е подигање на квалитетот на постоечкиот тренерски кадар и обучување на нив и новите кадри со најновите достигнувања и методи во европскиот и светски бокс. За таа цел планирано е и потписување на меморандуми за соработка со АМС, МОК, ФФК, Научниот институт за спорт, странски федерации ЕУБЦ, АИБА и др. Исто така се планираат програми и семинари за едукација и лиценциранје на тернери по бокс со учество на врвни боксерски имиња од земјата и странство, промоција на спортот и посебно боксот во единиците на локалната самоуправа, промоција на ненесилство во спортот, семинари за антидопинг во спортот и соработка со другите боречки федерации за лобирање за изградба на регионални и локални тренинг центри.


Што се однесува до плановите и очекувањата за наредниот период, како Управен одбор ќе се насочиме кон ефектуирање и спроведување на погоре изнесените активности и мерки со посебен осврт и грижа за младите категории-кадети и јуниори за кои планираме тренинг кампови во земјата и странство, учества на меѓународни турнири и првенства, систематско следење и наградување на најуспешните, се со цел за две до три години да создадеме база за репрезентацијата во сениорска и јуниорска конкуренција за подолг период. Во 2018 година очекуваме поголема масовност и на клупско и на поединечно ниво на боксери, а тоа неминовно ќе доведе до еден квалитетен исчекор напред и поголема гледаност и популаризација на боксот“, потенцира потпретседателот на БФМ Благој Донев.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON