„Дали најтрофејниот клуб во „градот на оризот“ БК Спартак е пред згаснување, прашање на кое во моментот е тешко дека ќе може некој да даде точен одговор. Но како што стојат работите клубот е пред згаснување, бидејќи нема борачиа, нема управа, тренери и има и нема. Има, ама нема кого да тренираат. А нема, бидејќи самите си се поставиле за тренери“, прашува новинарот на комарец.цом.мк, Славчо Ивановски.
Еве што вели во продолжение Иваносвки.
Но да почнеме од последното нешто што му се случи на Спартак. Кон крајот на минатиот месец, за време на преодниот рок, моментално најдобриот борач на Спартак, Столе Ефтимов, потпиша за Лирија. Во клубот моментално останаа само двајца борачи – Петар Костов и Александар Павлев кои поради лошата атмосфера во клубот најавуваат заминување во други средини.
А се започна по завршувањето на локалните избори, кога некои самонаречени спортски работници си зедоа за право сами да си ги доделат функциите во клубот, и тоа само усно, информирајќи го за истото се уште активниот претседател на БК Спартак Јордан Димитров.
Димитров ова го прифати со раширени раце. Но, за жал, уште нема собрано храброст да закаже изборно Собрание на кое и официјално ќе ја даде својата оставка, а потоа кој сака нека го преземе управувањето на клубот.
По сето ова што деновиве се случува, тешко дека ќе дојде до некакво изборно Собрание. Па и ако дојде, кого ќе води таа управа кога нема да има ниту еден натпреварувач во клубот.
По се изгледа дека она што го пишувавме, па и претпоставувавме на оваа страница, последниот месец од минатата година почнува да добива на тежина.
Спартак не функционира, од него моментално остана само името и сеќавањата на љубителите на борењето за времето кога овој клуб редеше успеси во грчко-римски стил во Првата сојузна лига во Југославија, од времето кога беше шампион на Македонија и во слободен и во грчко-римски стил, и од времето кога негови борачи, како членови на репрезентацијата на Југославија, односно Македонија, настапуваа на најголемите собири: Европските и Светските првенства, Олимпијадите, и на големиот број на меѓународни турнири.
Кој ќе биде виновникот доколку се случи најлошото, доколку згасне БК Спартак !?