Спортските терени како арена за физички пресметки.. Боречкиот клуб „Бучим“ бара суспензија за млад борач од ривалски клуб, кој минатата недела со нож ранил нивен малолетен борач за време на Меѓународен турнир во Скопје..
Доживотна суспензија за напаѓачот, како и казна за борачкиот клуб „Лирија“, бара радовишкиот борачки клуб Бучим-Радовиш, откако пред шест дена на меѓународен натпревар во Скопје нивниот млад борач Арон Николов, бил прободен три пати со нож во ногата, од борач – врсник од ривалскиот клуб „Лирија“.
Инцидентот се случил на трибините во спортската сала во Радишани, откако и двајцата борачи го завршиле својот настап на натпреварот. Претседателот на клубот „Бучим“ Владо Лазаров за Канал 5 раскажа за немилиот настан кој според него можел да биде кобен за младиот спортист и македонски репрезентативец.
Управниот одбор на „Бучим“, освен одговорност од организаторите како и соодветна реакција од Федарацијата, најавија дека ќе поднесат и приватни кривични пријави против напаѓачот. Според Лазаров недозволиво е на спортски натпревари да се случуваат вакви инциденти и случајот не треба да биде занемарен.
Канал 5 стапи во контакт и со еден од тренерите во клубот „Лирија“, кој не беше расположен да даде изјава, ниту да го коментира инцидентот.
Случајот бил пријавен во полиција. Напаѓачот бил веднаш приведен, а во текот на минатата недела приведени за сослушување биле уште тројца малолетници и еден возрасен човек. Од МВР за Канал 5 велат дека се уште се работи на случајот, има индиции дека во инцидентот учествувале и повеќе лица. Оттаму најавија кривична пријава за сторителите за насилство.
15-годишниот спортист Арон Николов кој бил избоден е на домашно лекување и се уште заздравува од нападот, но е во добра состојба.