Бивол го совлада Бетербиев и стана нов апсолутен шампион во полутешка категорија

Киргистанецот Дмитри Бивол е новиот апсолутен шампион во полутешка категорија. Во реваншот на боксерскиот спектакл во Ријад, Бивол со мнозинска одлука го победи Артур Бетербиев и му го нанесе првиот пораз во кариерата.

Судиите бодуваа 114-114, 116-112 и 115-113 за новиот шампион Бивол, кој ја извојува 21. професионална победа.

Одлични први три рунди во кои и двајцата го покажаа својот широк арсенал на оружје. Отворената борба ги крена на нозе гледачите на Кингдом арената.

И двајцата се закануваа со одлични комбинации, а секој момент го користеа да се закануваат еден на друг.

Првите две рунди му припаднаа на Бивол, но Бетербиев беше подобар во следните четири…

Артур беше поопасен противник во првиот дел, зададе двојно повеќе удари од Дмитри, а беше и многу попрецизен.

Продолжението понуди многу акции, Бетербиев го успори темпото, што го искористи Бивол и ги заврши следните две рунди во своја корист.

Како што мечот се приближуваше кон крајот, Бивол стануваше се поопасен и подобро удираше.. Со одлични комбинации му се закани на Бетербиев. Во финалето влезе со предност од 6-4 во рунди.

Бивол остана на тактиката во последните две рунди. На крајот од 11. рунда имаше отворена размена на удари што повторно ја крена на нозе целата Арена.

Киргистанецот не попушти во последната рунда која ја заврши со расекотина над окото. Бетербиев знаеше дека му треба нокаут за победа, но Бивол се движеше брилијантно и не дозволи залутан куршум да го погоди.

На крајот Бивол ја заработи предноста кај двајца од судиите, додека борбата беше изедначена за третиот.

Новозеландскиот тешкаш Џозеф Паркер ја продолжи победничката серија.

По победите против Вајлдер и Жанг, брилијантниот Паркер со технички нокаут во втората рунда го победи Конгоанецот Мартин Баколе, кој влезе како замена за болниот Даниел Дубоа само два дена претходно.

Паркер го удри Баколе со брилијантна десница, поради што тој се тетеравеше и заврши на подот. Стана, но нозете се уште му се нишаа, па судијата ја прекина борбата.

Тоа беше 36-та победа во кариерата на Новозеландецот, со која го одбрани привремениот шампионски појас на ВБО во тешка категорија, а по мечот изјави дека не му е грижа кој е неговиот следен противник.

Шакур Стивенсон ја одбрани титулата на ВБЦ во лесна категорија. Американецот со прекин во деветата рунда го победи многу борбениот Британец Џош Педли, кој влезе како замена за Флојд Шофилд.

Педли добро се држеше до деветата рунда, кога Стивенсон го собори со три силни удари во телото, а при последното застанување аголот на Џош фрли бела крпа во рингот.

Тоа беше 23-та победа во кариерата за непоразениот американски борец.

Карлос Адамес ја одбрани титулата на ВБЦ во средна категорија во многу тесен меч против Хамзах Шераз кој на крајот заврши нерешено.

Еден судија му даде предност на Шераз со 115-114, друг ја бодуваше во корист на Адамес за 118-110, додека кај третиот беше нерешено 114-114.

Во борбата за привремениот шампионски појас на ВБЦ, непоразениот Германец Агит Кабајел ја продолжи победничката серија и со нокаут во шестата рунда го победи Кинезот Жилеј Жанг.

Непоразениот Вергил Ортиз Јуниор. го победи Узбекистанецот Израел Мадримов со едногласна одлука во многу тесна борба за појасот на ВБЦ во супервелтер категорија.

Калум Смит го победи Џошуа Буаци со едногласна одлука во мечот за привремениот шампионски појас на ВБО во полутешка категорија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО