Боксерската федерација на Македонија (БФМ) на денешната прес-конференција објавидека ангажирала селектор од Куба, Хесус Сојет, со цел овој спорт да се крене од дното и да дојде до на ниво како пред неколку децении кога имавме и боксери кои освојуваа медали на најголемите натпреварувања, односно да се обиде да најде наследник на нашиот најдобар боксер на сите времиња, Аце Русевски.
Хесус Сојет работел во Куба, Холандија и Јапонија и доаѓа на иницијатива на претседателот на федерацијата, Примислав Димовски. Неговиот ангажман веќе почна да вродува со плод со оглед што кадетската репрезентација се врати со три медали од неодамнешниот турнир во Врбас.
„Се надеваме дека ќе продолжиме да остваруваме уште подобри резултати, а на моја иницијатива ангажиравме селектор од Куба. Станува збор за тренер кој работел во Куба, Холандија и Јапонија, и кој има големо искуство како боксер и тренер. Сојет е финалист на светско првенство и очекуваме да ни помогне во унапредување на боксот, кој сакаме да го вратиме на старите патеки и да го подобриме тренерскиот кадар“, изјави Димовски.
Тренерите Васко Цубалевски и Насер Харуни потенцираа дека освоените медали се поттик за уште повеќе работа и посветеност да се дојде до нови успеси.
„Целата наша репрезентација даде се од себе, и тренерите и боксерите, победивме против силни противници од Казахстан и Русија, задоволни сме од успехот “ – изјави Васко Цубалевски.
Успехот од Врбас е поттик за уште поголема работа на сите нивоа, изјави Насер Харуни.
„Тројцата боксери дадоа се од себе, Ајхан, Илхан и Ардијан, победија силни противници и задоволни сме од постигнатиот успех“, изјави Насер Харуни.
БФМ во моментов во Струга, под раководство на селекторот Сојет, одржува камп во три возрасни категории (вкупно 30 пионери, кадети и јуниори), кои ќе работат со селекторот на физички и технички план сѐ до 30 август.
Ipon.mk