Сребрениот медал е плод на напорна работа, истрајност и желба да се вратам на вистинскиот пат по многубројните повреди. Да се вратиш во форма е уште потешко отколку да ја достигнеш истата, истакна Берат Јакупи, освојувачот на сребрениот медал на Европското карате пренство за сениори во Коаџаели, Турција, во категоријата до 84 килограми, на прес-конференцијата во Агенцијата за млади и спорт.
Тој се заблагодари на сите луѓе кои веруваа во неговото враќање на победничките патеки, истакнувајќи ја важноста на припремниот период кога заедно со нашите најдобри каратисти од редот на Емил Павлов, Жарко Арсовски и тренерот сашко Арсовски имаше можност да сподели искуства и да ги подобри своите квалитети. Посебна благодарност упати до директорот на АМС Спасеки за сите негови заложби да го издигне каратето на едно повисоко ниво. Посебна благодарност упати до неговиот кондиционен тренер Трајче Богдановски, кој го подготвил како што треба за ЕП и не се откажал и верувал во него.
Јакупи ја потенцираше неговата идна цел, а тоа е учество на ОИ Токио 2020.
„Главаната цел е да продолжам со успесите на европските и светските првенства и да се пласирам на Олимписките игри во Токио 2020 и да освојам медал. Дај Боже и златен“, истакна Јакупи, кој рече дека финалето завршило со непопуларен резултат 0-0 оти противникот се борел од дистанца и не влегувал во директна борба, како што го правел тоа порано. Тој истакна дека во една ситуација направил поени, но домашниот терен му помогнал на Акташ.
И тренерот на репрезентацијата Петар Белистојаноски посочи дека судиите го оштетиле нашиот репрезентативец.
Бронзената Јована Георгиева (-55 кг), која дебитираше во репрезентацијата истакна дека е задоволна од себе и од она што го прикажала и дека дисциплираноста и фокусот во борбите и го донеле медалот, како и тактиката на Белистојаноски, кој за секоја борба подготвувал посебна тактика.
„Се надевам на уште поголеми резултати“, нагласи Јована Георгиева.
Сребрениот медал на Берат Јакупи и бронзениот медал на Јована Георгиева им донесоа стипендии од Светска категорија, односно во следните 4 години ќе добиваат месечен паричен надоместок во висина од 2 просечни плати. Додека Сара Радичевска со освоеното петто место се стекнува со право на стипендија од Меѓународна категорија и во следните 2 години ќе добива месечен паричен надоместок во висина од 1 просечна плата.
„На овој начин им оддаваме почит и јавно признание и докажуваме дека државата се грижи и понатаму ќе продолжи да се грижи за врвните спортисти, кои ја промовираат Република Македонија на на меѓународната спортска сцена“, изјави директорот Марјан Спасески. Тој упати честитка до сите репрезентативци, до тренерите и целокупниот стручен штаб на карате репрезенатацијата за големиот успех и да порачам дека Агенцијата за млади и спорт и понатаму финансиски и логистички ќе го поддржува карате спортот во државата, з акој вели дека е најуспешниот и најтрофејниот спорт во нашата земја..
На пресот свои видувања од ЕП имаа и селекторите Белистојаноски и Андриевски,
„На ова ЕП заминавме најподготвени. Имавме долг период на подготовки. Сите се бореа добро, никој не разочара. Жал ми е што сребрениот медал не стана златен“, рече Белистојаноски.
Тренерот за кати, Стојан Андриевски, рече дека е задоволен, но и дека може и подобро, а тоа може да се докаже само со работа. Според него, судиите кумувале на одредени резултати или нивното незнаење.
Сара Радичевска нагласи дека е задоволна од оставреното, но е и самокритична дека против Катерина Крива од Украина во полуфиналето не била добро подготвена. И таа верува во подобри резултати.
Жарко Арсовски го потенцираше макотрпниот процес на подготвување и како капитен на репрезентацијата вели дека сите го дале својот максимум и дека другите репрезентации не гледаат како сериозен противник, како Германија и Франција и од кои добиле честитки за прикажаните борби.
Пуликсенија Јованоска вели дека е задоволна со пласманот на 7-то место во кати, а и дека може повеќе.
Дебитантот Димитар Илиевски го потенцира дебито и вели дека добро се изборил и го победил актуелниот светски шампион и дека во клучната борба искуството си го направило своето, но и грешката што ја направил.
Ipon.mk/В.Д.