Американскиот ММА борец со ирански корени, 34-годишниот Бенеил Дариуш има два порази по ред, и двата ги претрпе годинава.
Во јуни загуби од Чарлс Оливеира со прекин во првата рунда, а на почетокот на декември подобар од него беше Арман Царукјан, кој исто така победи со нокаут во првата рунда.
Дариуш во едно неодамнешно интервју призна дека размислува за следниот чекор во кариерата, бидејќи сè ѝ подреди на борбата за титулата, а сега со два порази по ред тоа е речиси недостижен сон.
„Во слична ситуација бев и пред пет-шест години, а потоа вербата ми помогна да се извлечам од проблемот. Мојата цел во секоја борба е да бидам најдобар што можам“, рече Бенеил Дариуш и додаде:
„Сега тоа се повторува. Сакам повторно да го најдам својот мир во верата и да се обидам да сфатам дали ќе продолжам да се борам или ќе ја завршам кариерата. Сакам да бидам најдобар, а друг резултат не ме интересира. Само сакам да знам дали сè уште сум подготвен за тоа, се надевам дека во тоа ќе ми помогне верата“.