Балканец се кандидира за домаќин на Македонски бисер и Изборното првенство!

Дејан Митров, Николај Корнеев и Бобан Данов
Дејан Митров, Николај Корнеев и Бобан Данов

Во годината кога се слави 55 години од формирањето БК Блаканец од Штип го очекуваат повеќе предизвици, како Првите европски игри во Баку, Азербејџан, во јуни, и Светското првенство во Лас Вегас од 7 до 13 септември, во составот на македонската репрезентација во борење слободен стил. На СП ќе се обезбедуваат и норми за ЛОИ во Рио 2016 година. Сепак, првиот тест е на 15 февруари, на Изборното првнство за сениори.

„Ние се пријавивме за домаќини на Изборното првенство. Исто така, ќе се кандидираме и за „Македонскиот бисер“, 8-9 мај. Верувам, дека во годината на јубилејот ќе ги постигнеме и најдобрите резултати,“- вели претседателот на Балканец, Стојан Колев.

Украинскиот тренер Николај Корнеев, кој работи со борачите на Балканец, убеден е дека репрезентативците добро се подготвени за големите првенства.

„Се врати психолошката стабилност кај Дејан Богданов, а добро работат Дејан Митров и Бобан Данов. Се наметнува уште еден борач на Балканец, во категоријата до 61 килограм, Давор Тасев. Сите тие ќе се појават и на Изборноо првенство. Им реков да ја одржуваат тежината за меѓународните првенства. Само Дејан Богданов на Изборното првенство ќе се појави во повисока категорија, но за меѓународните настапи ќе мора да ја регулира тежината до 86 килограми. Очекувам бериќетна сезона за борачите на Балканец, “- вели Николај Корнејев.

Од Балканец истакнуваат дека по заслуга и на Корнеев,но и на познатиот педагог Трајче Димков, по директните контакти со претседателите на Светската и Европската федерација, Ненад Лаловиќ и Цено Ценев, прифатено е македонската репрезентација на европските ЛОИ во Баку да учествува во комплетен состав во сите категории, а не како што е најавено со 3-4 борачи. Ова е доста важно, бидејќи колку борачи ќе учествуваат во Баку, толку ќе можат да се борат за норми за ЛОИ во РИО, на СП во Лас Вегас.

Најтрофејниот клуб во Македонија за 55 години може да се пофали со 25 државни титули, со титула на Европската федерација (ЦЕЛА) во 2010 година, со две европски вицешампионски титули и едно трето место во КЕШ. Балканец е формиран во Штип во 1960 година, како прв клуб во Македонија во современото борење, а основачи беа Ристо Таков и Ристо Личнов.

ipon.mk/К. Манев

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON