Македонскиот боксерски ас Аце Русевски ќе оди во Бања Лука да му оддаде последна почит на својот цимер Марјан Бенеш.
Русевски вели дека се организираат боксерите од поранешна Југославија да отидат на погреб на легендарниот југословенски и европски боксер Марјан Бенеп кој почина вчера.
Македонската легенда со Бенеш бил цимер за време на подготовките и на самата Олимпијда во 1976 година во Монтреал, Канада, каде што Русевски го освои бронзениот медал.
Аце длабоко жали што така заврши еден од најдобрите европски боксери, бидејќи како резултат на тешките борби го изгуби видот, потоа слухот и на крајот не можеше да зборува и неподвижен во болница да замине од овој свет.
„Феноменален човек и еден од најдобрите спортисти што некогаш сум ги запознал. Едноставно, без мани и спортист кој никогаш не направил екцес и многу почитуван во Југославија. Греота е што така заврши, односно да се мачи. Таков боксер веќе не се раѓа на просторите на поранешна Југославија. Легенда. Далеку еден од најдобрите и затоа насекаде е познат Марјан Бенеш“, истакнува Русевски кој вели дека три пати му бил специјален гостин на професионалните мечеви во Париз, Милано и Виена, каде што последен пат се виделе.
Ipon.mk