Поранешниот шампион на УФЦ, Френсис Нгану, на почетокот на годината ја напушти најголемата светска ММА организација, бидејќи промоцијата не можеше да ги исполни сите услови во неговиот договор, од кои еден се однесуваше и на можноста за бокс.
Неколку недели по заминувањето од УФЦ камерунскиот боксер потпиша за ПФЛ, и продолжи да го предизвикува шампионот на ВБЦ, Тајсон Фјури на борба во рингот.
На крајот успеа, договори меч против Кралот на Ромите, кој се одржа на крајот наоктомври во Саудиска Арабија. Нгану ги воодушеви фановите со својот настап во боксерското деби, иако на крајот загуби со поделена одлука.
Френсис беше презадоволен, бидејќи за десетте рунди поминати во рингот со Фјури заработи десет милиони евра, што е многу повеќе од она што го доби на последниот меч во УФЦ. Имено, по борбата против Сирил Гане на неговата сметка легнале 550.000 евра.
Многу борци сега би сакале да ги следат стапките на Френсис, вклучувајќи го и Том Аспинал. Привремениот шампион на УФЦ во тешка категорија открива дека би сакал да има боксерски меч на почетокот на следната година, доколку не може да организира борба против Стипе Миочиќ или Џон Џонс.
„Сакам да бидам максимално активен во ММА, ако можам да се договорам со УФЦ, многу би сакал да боксирам. Навистина ми се допаѓа таа идеја. Моментално сум здрав и сакам да бидам активен. Паузирав една година поради повреда на коленото, се вратив успешно и изгледав прилично добро на последните два меча“, изјави Том Аспинал и додаде:
„Во добра позиција сум, но сакам да одам понатаму. Не сакам да го чекам Џон Џонс. Кој знае дали некогаш ќе се врати? Би се борел и против еден од предизвикувачите. Ако не, тогаш би сакал да боксирам, тоа е одлична идеја“.
Во 2017 година Аспинал имаше еден професионален боксерски меч кога во средината на првата рунда го нокаутира Унгарецот Тамаш Бајзат. Тогаш боксот не го привлекуваше, а тој целосно се посвети на слободните борби.