Арбреша Реџепи ќе го вее македонското знаме во Токио, „ослободена“ е од карантин!

Сепак џудистката Арбреша Реџепи, ќе го носи македонското знаме на денешното отворање на Летните Олимписки игри (ЛОИ) во Токио (13 часот), откако беше „ослободена“ од карантинот по минување на еден ден во изолација.

Македонската спортистка била изолирана на барање од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), со оглед што за време на летот од Франкфурт до Токио седела во близина на лице кое било заразено со Ковид-19. Таа веќе петти ден е во Токио, а по добивањето и на петтиот негативен тест на коронавирусот, како и 24-часовната изолација, ќе може мирно да се подготвува за настап. Поради тоа, Реџепи ќе ја задржи улогата на знаменосец заедно со таеквондистот Дејан Георгиевски, како дел од проектот на ИОК за борба против родовата нерамноправност.

Џудистката првиот настап во Токио ќе го има на 25 јули и тоа во категоријата до 52 килограми, каде за прв ривал ќе ја има Жил Челси од Бразил. Во истиот ден ќе се одржат и борбите за медал во оваа категорија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО